Лев банер Десен банер

Две нови авиолинии од Скопје кон Италија – Алгеро и Палермо од јули

Уште две нови авиолинии ќе бидат воспоставени од Меѓународен аеродром Скопје, со што се проширува мрежата на летови и се зајакнува позицијата на земјава на регионалната авио мапа.

Од 15 јули ќе се лета од Скопје до Палермо, а од 18 јули ќе биде воспоставена и авиолинија до Алгеро, Сардинија, Италија. Летовите ќе ги реализира нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air, како дел од летната сезона.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, истакна дека станува збор за исклучително позитивна вест и за граѓаните, и за туристичкиот сектор.

„Ова се убави вести за сите што сакаат да патуваат, но и за сите што сакаат да ја посетат Македонија. Со новите линии до Алгеро и Палермо дополнително ја отвораме земјата кон европските дестинации и создаваме нови можности за туризам и бизнис соработка“, објави на фејзбук Николоски.

Според него, со овие две нови авиолинии се очекува дополнително зголемување на авио сообраќајот на скопскиот аеродром, кој во 2025 година забележа рекордна година со над 3,2 милиони патници, со што се позиционира како лидер во регионот.

Министерот најави и зголемување на бројот на летови и патници на постојните линии, како и стационирање на нов авион од најновата генерација – Airbus A321 Neo – на скопскиот аеродром, што ќе придонесе за поголем капацитет и поефикасни операции.

Дополнителен позитивен аспект, како што нагласи Николоски, е тоа што за овие сезонски линии не се предвидени субвенции.

„Фактот што овие линии ќе оперираат без субвенции е јасен показател дека постои реален комерцијален интерес и дека Скопскиот аеродром станува сè поатрактивен за авиокомпаниите“, потенцираше министерот.

Со новите дестинации кон Италија, Скопје добива уште посилна поврзаност со медитеранскиот регион, што се очекува да има позитивен ефект врз туризмот, економијата и меѓународната размена.

StrugaOnline

error: