Македонија денеска избира претседател и парламентарен состав

- Македонија
187

Граѓаните на Република Македонија денеска ќе го избираат седмиот по ред претседател на државата и членовите на 11. Парламентарен состав.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), право на глас на парламентарни избори имаат 1.815.350 избирачи, а за вториот круг од претседателските избори можат да гласаат 1.814.317 избирачи. Разликата во гласовите е 1.033, поради граѓаните кои во меѓувреме станале полнолетни и тие ќе може да гласаат само за избор на пратеници. На парламентарните избори гласачите ќе можат да избираат меѓу 17 листи на кандидати за пратеници. На листите има 1.755 кандидати, од кои 1.002 мажи и 753 жени.

Гласањето на двојните избори ќе се одвива на 3.480 избирачки места и на секое избирачко место ќе има две гласачки кутии. Но избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да пристапат на гласачкото место и да го остварат избирачкото право. Претходно гласачот ќе биде прашан – дали сака да гласа за претседателските, за парламентарните или за двата изборни процеса?

Вчера, за вториот круг од претседателските и на парламентарните избори веќе гласаа пријавените болни и немоќни лица, а гласање се спроведе и во казнено-поправните, како и установите за вонсемејно згрижување. Гласање во дијаспората се реализира само за вториот круг од претседателските избори, но не и за парламентарните избори, бидејќи немало доволен број пријавени македонски државјани. Во Охрид за гласање се пријавија 68 болни и изнемоштени лиц и оваа бројка е плус од оние 172 лица што беа пријавени за првиот круг од претседателските избори. Овие граѓани своето гласачко право имаа можност да го остварат вчера, во домашни услови.

Facebook Коментари