Македонската верзија на Тв серијата „На Терапија“ започнува од септември

- Македонија
2987

Oд 4-ти септември ќе започне нова македонска Тв серија насловена како „На терапија“.  За дееталите за серијата која публиката ќе ја задржи пред тв екраните информира продуцентот  Роберт Насков:

-„На терапија“ е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца, во продукција на КИНО ОКО. Емитувањето на серијата ќе започне на 4-ти септември 2017 година на Сител Телевизија.

Серијата, во која глумат домашни актери, содржи 45 епизоди адаптирани од македонски автори и реализирани со екипа од македонски ТВ и филмски професионалци.

Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел и е креирана од Нир Бергман, Ори Сиван и Хагаи Леви. Леви е познат и по работата на серијата „The Affair“ наградена со неколку Златни глобуси.

Дејствието на серијата се одвива околу приватниот и професионалниот живот на психотерапевт кој во текот на петте работни дена работи со своите пациенти на нивните проблеми, за во слободното време и самиот да побара стручна психијатриска помош. Секоја епизода е фокусирана на ликот на одреден пациент и неговиот однос со главниот лик: суицидална пливачка на тинејџерски години; професионален војник кој ги преиспитува своите постапки; жена која има еротска фиксација кон терапевтот; брачен пар кој не може да се соочи со обврските на родителство; како и сопругата на психотерапевтот која се обидува да го спаси нивниот брак кој е во криза.

Серијата постигнува огромен успех во матичната земја и освојува награди за најдобра драмска серија, најдобар актер, најдобра актерка, најдобро сценарио и најдобра режија од израелската Акедемија за филм и телевизија.

Во македонската верзија на хит серијата игра исклучителна актерска екипа предводена од Никола Ристановски во улогата на психотерапевт, заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска.

Широката популарност и гледаност на серијата „На терапија“ се должи на интелигентниот концепт и на маестрално изградените карактери со чии уникатни животни приказни може да се идентификува секој гледач.

Низ призма на личното, „На терапија“ ги отсликува колективните потешкотии со кои се справуваат македонските граѓани во секојдневниот живот. Во 45-те епизоди се обработуваат низа тематики, почнувајќи од граѓански активизам и човекови права, полова нееднаквост, семејно насилство, ксенофобија, корупција, слобода на медиуми, право на сексуална ориентација, однос кон децата и тинејџерите во општеството, традиционален наспроти модерен начин на живот, и ред други прашања.

„Оваа серија ќе ги поттикне луѓето да почнат да разговараат за проблемите кои се поврзани со секојдневниот живот на македонскиот граѓанин, и можеби ќе пронајдат одговори за личните дилеми и прашања. Се надевам дека серијата ќе придонесе за отворање на дијалог на сите актуелни теми во нашето општество“. – вели Насков

Сите детали за серијата можете да ги прочитате на www.NaTerapija.mk

Извор: naterapija.mk\Strugaonline.mk

Фото: naterapija.mk

Facebook Коментари