Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на денешната прес-конференција ја информираше јавноста дека апликацијата „Стоп корона“ е достапна за преземање на мобилните телефони.
Манчевски појасни дека станува збор за софтвер кој овозможува детекција на контактите на заболените лица.
„Апликацијата дава брз одговор на здравствените експерти со кои лица бил заразениот во близина во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица, за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување“, рече Манчевски, додавајќи дека за да биде успешен проектот апликацијата треба да биде колку што е можно помасовно искористена.
Министерот објасни дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не користи локација ниту име и презиме на оние коишто ја користат.
„Функционира на анонимизирани кодови, кои се генерираат за секој граѓанин при нејзиното активирање. Ако два уреда со инсталирана апликација се најдат во непосредна близина, во апликацијата се евидентира кодот на апликацијата инсталирана на уредот кој е во наша близина и времето кога тоа се остварило“, рече Манчевски.
Facebook Коментари