По повод Денот на водите (22 март,) мрежата на невладини организации ПреспаНет во којашто членуваат организации од Македонија, Албанија и Грција, ги потсетува властите во сите три земји дека со меѓудржавната соработка која почна пред повеќе од десет години, со Декларацијата на Премиерите за воспоставување на прекуграничниот парк Преспа во 2000 година, трите држави се договорија да ги координираат своите активности за интегрирано управување со речните сливови врз основа на ЕУ легислативите.
Интегрираното управување со речните сливови е сеопфатен тип на управување кој ги разгледува сите различни и меѓусебно поврзани употреби на вода и претпоставува дека сите соодветни сектори (земјоделство, рибарство, просторно планирање, индустрија, туризам и сл.) ги координираат своите активности во рамките на географските / хидролошките граници на природните басени. Во прекуграничните речни сливови земјите мора да соработуваат за да се постигне оваа цел. Учеството на сите корисници на вода во процесот на планирање и донесување одлуки е трет столб за интегрирано управување со водите.
ПреспаНет ги потетува властите во трите држави дека треба да преземат акција и да:
Управуваат со водните ресурси во рамките на нивните природни граници; Потикнат соработка и прекуграничен дијалог за важни прашања; Да го зајакнат партиципативното управување со водата. Како и да спроведат конкретни мерки и активности на национално и прекугранично ниво, како што се:
- прекугранични истражувања и мерки за спречување на деградација на водата
- мудро и ефикасно функционирање на водоснабдувањето, наводнувањето, третманот на отпадните води и системите за управување со цврст отпад
- превенција на хидролошки промени на реките и крајбрежјето
- еколошки земјоделски практики
- мерки за адаптација на климатските промени
- кампањи за подигнување на свеста за преспанските слатководни ресурси
ПреспаНет е мрежа од три еколошки невладини организации од државите кои го делат прекуграничниот Преспа басен. Во 2013 година, Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита и презервација на природната околина во Албанија и Друштвото за заштита на Преспа, решија да ги соединат своите сили за да може да влијаат врз законите за животна средина и да промовираат заштита и одржлив развој во регионот на Преспа. За таа цел ПреспаНет сооработуваше со меѓународните НВО, како што се Еуронатур, Кора, Плантлајв и ФЗС.
Извор: Македонско еколошко друштво
фото: aхива
Strugaonline
Facebook Коментари