Овој викенд ќе започне летното сметање на времето

- Македонија
449

Македонската влада на вчера одржаната седница донесе одлука летното сметање на времето во 2021 година да започне на 28-ми март во 02:00 часот.

Вечерта помеѓу 27-ми и 28-ми март во 02:00 часот наутро стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред, со што времето во 02:00 ќе се смета како 03:00 часот.

Летно сметање на времето или летно време е договорено правило за пометување на часовниците така што попладнето да има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата да бидат пократки. Вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред на пролет, а да се враќаат еден час наназад на есен. Овој систем е предложен во 1905 година од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 година.

Европската комисија, по јавни консултации и стручни анализи во септември 2018 година, презентираше предлог за ставање крај на сезонските промени на часовникот. За време на јавната дебата во ЕУ, во која учествуваа околу 4,6 милиони граѓани, 84 проценти се заложија за укинување на поместувањето на часовниците двапати годишно, а 16 проценти сакаа да ја задржат оваа практика.

Предлогот на Европската комисија да се запре сезонското поместување на часовникот беше поддржан и од Европскиот парламент во 2019 година, но за предлогот да стапи на сила, тој мора да ја почека одлуката на Европскиот совет, за која сè уште не се знае кога ќе биде донесена.

Facebook Коментари