Пренос на моштите на Светиот свештеномаченик Игнатиј

- Македонија
148

Православните христијани денес го прославуваат денот посветен на Светиот свештеномаченик Игнатиј, односно преносот на неговите мошти.

Главното празнување на свети Игнатиј е на 20-ти декември. На овој датум се празнува преносот на неговите мошти од Рим, каде што маченички пострада, во Антиохија, во којашто порано беше архијереј. Кога свети Игнатиј беше повикан во Рим за да одговара пред царот Трајан за својата вера, на тој долг пат го придружуваа неколкумина граѓани од Антиохија, побудени од голема љубов кон својот прекрасен архипастир.

Бидејќи Божјиот светител никако не сакаше да се одрече од верата и ги презре сите ласкања и ветувања на царот Трајан, беше осуден на смрт и фрлен пред ѕверовите во Големиот циркус. Ѕверовите го растргнаа и тој Му ја предаде својата душа на Бога. Тогаш неговите следбеници ги собраа неговите соголени коски, ги пренесоа во Антиохија и чесно ги погребаа.

Но, кога Персијците ја зазедоа Антиохија во 6. век, моштите на свети Игнатиј повторно ги вратија од Антиохија во Рим.

Тропар

„Сите влакна на косата ви се изброени“ – проповедаше нашиот Спасител, о Игнатие Богоносче, чие срце за Господа се разгори и со името Негово се запечати, моли Го Господа да се смилува над нас, ти ревнителу на вистинската вера, и да ги спаси оние кои го празнуваат твојот чесен спомен.

Извор: mpc.org.mk фото: архива

StrugaOnline

Facebook Коментари