Претседателката Гордана Сиљановска Давкова му го додели мандатот за формирање Влада на Христијан Мицкоски

- Македонија
325

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати.

-Чест и задоволство ми е денеска со сигурност да верувам дека чекорот што го преземам, доверувањето на мандат за состав на влада на Христијан Мицкоски е вистински правен и политички чекор. При конституирањето на Собранието, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „за“. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада односно да освои 61 глас за својата програма и за составот на владата што, се разбира, ќе го предложи во следните 20 дена.-истакна Давкова.
По добивањето на мандатот, Мицкоски најави дека набргу,од денеска ќе биде составена новата реформска влада која, како што рече, ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и како општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава.

Тој потенцираше дека новата влада ќе ги придвижи работите во економијата со реформи и силен инвестициски циклус, бидејќи граѓаните очекуваат подобрување на животниот стандард, подобрување на состојбата во здравството, образованието, земјоделството.

Од денеска тече дваесетдневниот рок за формирање на нова Влада.

ВМРО- ДПМНЕ за формирање нова Влада водеше разговори со коалицијата Вреди и ЗНАМ.

Мицкоски засега не ги открива имињата на идните министри, потенцира дека денеска почнуваат внатрепартиските и внатрекоалициските консултации околу предлозите за членови на Владата.

Facebook Коментари