Работниците со ниски примања можат да аплицираат за користење на годишен одмор

- Македонија
970

Работниците со ниски примања веќе можат да аплицираат за мерката за користење на годишен одмор, во рамки на Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи во Република Македонија 2018 година, на Министерството за економија. Јавниот повик беше распишан на 2 април, а пријавувањето за оваа мерка заедно со комплетната потребна документација е до 31 мај 2018 година, иако принципот на користење на средствата е „прв дојден прв услужен“, до искористување на вкупниот буџет од 30 милиони денари, со кои ќе бидат субвенционирани 2000 семејства.

Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица кои се вработени, а нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 22.000 денари. На работниците со ниски приходи-баратели кои навремено доставиле уредна и комплетна документација Министерството за економија ќе издава Потврда во вкупна вредност од 15.000 денари за да ја искористат во категоризираните угостителските објекти за сместување во Република Македонија кои се претходно пријавени во Министерството за економија.

Целта на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона. За учество по Јавниот повик, работниците со ниски приходи – баратели, до Министерството за економија можат да се информираат преку интернет страната на министерството: economy.gov.mk

StrugaOnline

Извор: Министерство за Економија

Фото: Архива

Facebook Коментари