Расте бројот на деца со малигни заболувања. Според податоците на Клиниката за детски болести во Скопје, изминатава година за 4 проценти е зголемен бројот на деца со канцер. На две – три недели на состаноците со колегите зборуваме за новопријавен случај, вели директорката на детската клиника.
„Зборувам за деца над една година, но и под една година, кај доенчиња каде е зголемен бројот на малигни болести. Се забележува дека дури и се раѓаат со солидни малигни тумори, најчесто ги гледаме во облик на леукемии, но и малигните тумори, особено на коските и на централниот нервен систем знаат да бидат присутни“, вели д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.
Доктор Софијанова вели, треба да се направи подлабока анализа за да се утврди која е причината, посебно за дечињата под две години кои се покомплицирани за лекување. Додава дека со рана дијагностика и превенција ќе бидат чекор напред во справување со малигните заболувања.
„Ќе биде добро да излеземе со елаборат, во кој ќе се каже дека дел од условите кои се сменети, особено кај мајката, начинот на живеење, исхраната… бидејќи за да се роди едно здраво дете, треба предиспозиција да биде здрав организам, од страна на мајката и на таткото… Како Клиника сме тие кои сме најповикани оваа да го дебатираат на ниво на држава“, вели д-р Софијанова.
И лекарите од земјите од регионот, Србија, Хрватска и од Словенија алармираат дека се соочуваат со ваков проблем, вели Софијанова. Според неа и во некои области во Америка и Австралија забележан е раст на малигни заболувања кај децата.
Извор: МРТ
Facebook Коментари