Ристески: Утре започнува втората „Училишна кошница“, очекувам заштеда за семејствата од 800 до 2.000 денари од ученик

- Македонија
3

Од утре стапува на сила Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која од 15 август до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училишен прибор.

– Станува збор за мерката позната како „Училишна кошница“ која се спроведуваме втора година по ред и нејзина цел е заштита на животниот стандард, посебно на граѓаните кои имаат деца кои се ученици и студенти. Со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците (тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали) се враќаат на нивото од 1 јуни и на истите се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало – кажа заменик-министерот Ристески во изјавата за медиумите во Прилеп.

Ристески напомена дека мерката се спроведува втора година по ред, истата дала добри резултати минатата година и дека очекува слични резулатати и годинава.

– Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари по ученик. Оваа мерка ја правиме со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и да им помогнеме во овој период, бидејќи станува збор за месеци со зголемени трошоци за подготвување за зимскиот период, каде граѓаните се соочуваат со трошоци за припреми за зимници, огрев… – додаде Ристески.

Тој ги потсети трговците на нивните обврски за обезбедување на навремена информираност на потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување на истите со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и со јасно означување на старата цена која важела на 01.06.2025 година и истакнување на новата цена со попуст.

За контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе бидат присутни инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и ќе делуваат согласно нивните законски надлежности.

StrugaOnline

Facebook Коментари