Сиљановска Давкова во Пелинце ќе го одбележи Илинден, Мицкоски во Крушево, Гаши во Скопје

- Македонија
180

По повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката,  денеска во Пелинце, со почеток во 10:00 часот, претседателката Сиљановска Давкова ќе положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ, ќе има обраќање и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.

Во манастирот „Св. Прохор Пчински“, со почеток во 12:00 часот, претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.

Во манастирот „Прохор Пчински“, претседателката Сиљановска Давкова ќе биде пречекана од страна на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Двајцата претседатели ќе остварат билатерална средба.

Во состав на државно-црковната делегација која ја предводи претседателката Сиљановска Давкова на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и Митрополит Кумановско-осоговски Григориј.

 Централната манифестација по повод денот на Републиката ќе се одржи денеска во Крушево.

-На оваа свеченост обраќање ќе има Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Оваа манифестација претставува значаен момент за сите граѓани на нашата држава, каде ќе се оддаде почит на хероите кои ја обележаа нашата историја.-соопштија од Владата.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе биде во Скопје, односно ќе присустува на пригодната манифестација на тврдината Кале, каде ќе одржи говор.

Facebook Коментари