Средба Димитров-Дачиќ : Јакнењето на добрососедството е заеднички примарен интерес

- Македонија
886

На 25 август, во Ниш, Република Србија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров се сретна со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ. Средбата е одржана за надминување на недоразбирањата кои  последните месеци ги оптоваруваат билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.

Двајцата министри се согласија за неопходноста од одржување перманентен политички дијалог  заради спречување и надминување на евентуалните несогласувања по одредени прашања на билатерален и мултилатерален план, и други прашања од заемен интерес. Се согласија и дека јакнењето на добрососедството е заеднички примарен интерес, преку развивање позитивни, конструктивни и транспарентни односи и соработка.

Во тој контекст, министрите Димитров и Дачиќ изразија задоволство од надминувањето на неодамнешните недоразбирања, поздравувајќи ја најавата за одржување на Третата заедничка седница на Владите на Република Македонија и на Република Србија. Министрите се согласија  за унапредување на соработката со цел реализација на заедничките цели и интереси на двете земји за забрзано интегрирање во ЕУ, јакнење на безбедноста, стабилноста и одржливиот економски развој на двете земји и на регионот.

 Министрите разговараа и за потребата и можностите за унапредување и интензивирање на соработка во сите области од заемен интерес, особено економската соработка и инфраструктурното поврзување.

Извор: МНР

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари