Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим

- Македонија
164

Православните верници денешниот ден го одбележуваат во чест на Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим.

Од бројот на Седумдесетте апостоли. Во времето на гонењето од Нерон, кога беше убиен светиот апостол Павле, беа убиени и овие тројца славни апостоли.

Аристарх беше епископ во Апамија Сириска. Апостолот Павле го спомнува неколкупати (Дела 19, 29; Кол. 4, 10; Фил. 23). Во Ефес беше фатен од толпата заедно со Гај. Тој народ тогаш се беше кренал против светиот апостол Павле. Павле им пишува на Колосјаните: „Ве поздравува Аристарх којшто е со мене во ропство“. Во Посланието до Филимон Павле го нарекува Аристарх свој помошник, заедно со Марко, Димас и Лука.

Пуд беше угледен римски граѓанин. Апостолот Павле го спомнува еднаш (II Тимотеј 4, 21). Домот на Пуд најпрво беше засолниште за врховните апостоли, а потоа се претвори во црква, наречена Пастирска.

Трофим беше од Азија (Дела 20, 4) и го придружуваше светиот апостол Павле на патувањата. На едно место Павле пишува: „Трофим го оставив во Милет болен“ (II Тимотеј 4, 20).

Тропар

Патот кон Бога преку вашите стапки е посведочен, о апостоли свети Христови, сотрудници на Павле, помошници на Петар великите, молете се за нас Аристархе, Пуде и Трофиме, верата чиста да ја запазиме, и вратата на бесмртноста да се отвори по вашите свети молитви.

Извор: mpc.org.mk , фото: архива

StrugaOnline

Facebook Коментари