Светски ден на здравјето
Денеска се одбележува Светкиот ден на здравјето, годинава под мотото „Наша планета, наше здравје“.

Две грижи се од витално значење: развој кој се однесува на потребите на луѓето, особено за здравјето и еколошка одржливост за да не се исцрпат природните ресурси и да не се оштетат или деградираат природните системи. Задоволувањето на потребите на сегашното и идното светско население за храна, вода и енергија без исцрпување или оштетување на глобалната база на ресурси, притоа избегнувајќи ги негативните здравствени и еколошки последици од индустријализацијата и неконтролираната урбанизација, бара знаење и средства, како и промени во начинот на кој владите го планираат и управуваат развојот.
Луѓето несомнено ја нарушија рамнотежата на природата и како резултат на тоа, светот се соочува со највисока стапка на истребување.

Во време на пандемија, загадена планета, болести коишто се во постојан пораст како рак, астма, срцеви заболувања, на Светскиот ден на здравјето во 2022 година, СЗО ќе го фокусира глобалното внимание на итните активности потребни за одржување на здравјето на луѓето и целата планета, како и за поттикнување на движењето за создавање општества фокусирани на благосостојба.
Целта е да се сврти вниманието на граѓаните на важноста од зачувување на природата и спречување на негативните последици по животната средина, односно да се предупреди за опасностите по живот на Земјата, екосистемите и урбаните области поради индустрискиот развој, зголемената потрошувачка на енергија, глобалното затоплување и климатските промени, со цел светското население да стане свесно за својата одговорност кон планетата на кој живее.
Додека пандемијата COVID-19 ни ја покажа исцелителната моќ на науката, таа исто така ги истакна нееднаквостите во нашиот свет. Пандемијата ги откри слабостите во сите области на општеството и ја акцентираше итноста за создавање одржливи „општества коишто се грижат за благосостојба“, посветени на постигнување здравје за сегашните и идните генерации без да се прекршуваат еколошките граници. Сегашниот дизајн на економијата води до нерамномерна распределба на приходот, богатството и моќта, при што премногу луѓе сè уште живеат во сиромаштија и нестабилност.
И покрај фактот дека богатите нации значително повеќе придонеле за климатските промени со согорувањето на фосилните горива, сиромашните земји се најмногу изложени на нивните влијанија. Како резултат на климатските промени, нивните и онака неразвиени економии дополнително ослабуваат, жителите умираат, нееднаквоста расте. Трендот ќе продолжи доколку климатските активности не се фокусираат на еднаквост и правда. Десетици милиони луѓе ќе се најдат на работ на егзистенција во случај на дополнително глобално затоплување. Прекинувањето на циклусите на уништување за планетата и здравјето на луѓето бара законодавна акција, корпоративни реформи и поединци коишто ќе бидат поддржани и охрабрени да прават здрави избори.
СЗО проценува дека повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година се должат на еколошки причини што може да се избегнат. Ова пред се, се однесува на климатската криза која е единствената најголема здравствена закана со која се соочува човештвото. Всушност, климатската криза е и здравствена криза.
Извор: ИЈЗ

