Денес, во просториите на Факултетот за безбедност – Скопје, се одржа еднодневна работилница на тема „Сузбивање на криминал врз дивиот свет“, организирана од Еко-свест – Центар за истражување и информирање за животната средина, во соработка со Факултетот за безбедност – Скопје.
Целта на работилницата беше унапредување на знаењата и капацитетите на ренџерските служби и релевантните институции за справување со криминалот врз дивиот свет, кој претставува сериозна закана за биолошката разновидност и природната рамнотежа. На настанот присуствуваа претставници од заштитени подрачја во Македонија, како и претставници од Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање – Сектор природа.
Работилницата опфати излагања од проф. д-р Марина Малиш Саздовска и деканот проф. д-р Јонче Ивановски од Факултетот за безбедност, презентација на практични случаи, како и практична сесија за изработка на службени белешки со службени лица.
Настанот е дел од Прекуграничниот проект за заштита на кафеавата мечка, кој се спроведува во партнерство меѓу Еко-свест, Македонско еколошко друштво (МЕД), ЕуроНатур, Калисто и ППНЕА. Проектот има за цел зајакнување на прекуграничната соработка и имплементација на активности за подобрување на заштитата на кафеавата мечка и намалување на заканите врз нејзиното живеалиште, со посебен фокус на справување со криминал врз дивиот свет.
StrugaOnline
Facebook Коментари