Во Крушево се одбележува роденденот на Тоше Проески

- Македонија
254

Спомен-домот на Тоше Проески на Гумење во Крушево, со повеќе манифестации денеска ќе го одбележи роденденот на најголемата македонска и балканска музичка sвезда Тоше Проески.

Одбележувањето ќе започне со хуманитарна крводаристелска акција која ќе трае до 16 часот во просториите на Спомен куќата, а во организација на Црвениот Крст од Крушево.

Во 11 часот и 15 минути, времето на неговото раѓање, присутните, претставници од институции и поддржувачите на Тоше, најавени дека ќе ги има од многу места, ќе положат букет свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, на Гумење.

Во 12 часот во Спомен-домот ќе биде отворена хуманитарно-продажната ликовна изложба со наслов „Срце није камен“ на стилистот Светлана Зуламоска.

Нејзините дела со ликот на Тоше и пригоден текст, се насликани на камени плочи со акрилни бои, а целта на изложбата е собраните средства од продажбата на овие уникатни и оригинални ликовни изблици, да се донираат за лекување и терапија на малиот Војдан Спасовски.

Дека Тоше е инспирација за младите уметници, ќе потврди и промоцијата на музички и видеоспот на Јана Мрческа, на рефрени од песните на Тоше.  Јана, е родум од Прилеп, ученик во средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и, иако не била родена во времето кога Тоше го достигна зенитот на својата музичка кариера, неговите песни се нејзина инспирација за самостојни проекти.

Во  13 часот ќе се одржи веќе традиционалниот музички перформанс „Ангел си ти“. Македонската вокалистка Ивона ЈО во придружба на нејзиниот бенд В2В, ќе испее десетина нумери од богатата музичка ризница на Тоше.

Фановите на Тоше низ Балканот ќе имаат можност преку телевизискиот канал Прва ТВ, да го проследат документарниот филм кој авторката Катарина Миловановиќ го сними во Крушево 2023 година. На денот на тошевиот роденден, копија од овој филм, со превод на македонски, авторката ќе донира во Спомен куќата. Премиерата и промоцијата на овој документарец ќе бидат в петок, на 26 јануари во 19 часот во салата на Младинскиот културен центар во Крушево.

Тоше Проески е роден 25.01.1981 година.

 

Facebook Коментари