На 24 февруари 2020 година Македонското еколошко друштво (МЕД) заедно со Националниот парк „Маврово“ со помош на кафез-замка заловија нова единка балкански рис на планината Бистра во близина на село Ростуше.
Во постапката за успивањето на животното и земањето биометриски податоци и примероци асистираше претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, биолог вработен во НП „Харц“, Германија како и вработени во Националниот Парк „Маврово“.
Се работи за рисица на возраст 6–7 години, тешка 15 kg. Единката е здрава и витална, а тоа го потврдува и првиот најден плен на терен – срна, само три дена по заловувањето.
Рисицата е крстена Лиса по желба на нашите долгогодишни соработници од НП „Маврово“ и е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии на МЕД. Досега со радиотелеметрија и GPS-лоцирање се заловени девет различни единки рис во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.
Околувратникот ќе обезбеди нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.
Фотографиите од ова заловување се направени од Себастијан Кенеркнехт (Sebastian Kennerknecht) од Германија, професионален фотограф за диви животни (https://www.pumapix.com/about/)
На Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, којшто според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус.
Strugaonline
Facebook Коментари