Зоран Анчевски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис за 2022 година

- Македонија
797

Македонски поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски е автор на поемата „Коњски житија“, добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис за 2022 година.

Зоран Анчевски е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега ги има објавено стихозбирките Патувања низ скршени слики (1984), Стратегија на поразот (1994), Линија на отпорот (1998), Превод на мртвите (2000) Див мир (2004), Избрани песни (2008, на македонски и на англиски јазик), Историја на ветрот (2009), Небесна пантомима (2018), Збунети компаси (2021), како и обемната критичко-теоретска студија За традицијата (2007). Автор е, приредувач и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. Резултат на неговата преведувачка и уредувачка активност се и трите антологии објавени на англиски јазик: две на современа македонска поезија и една на куса современа македонска проза. Исто така има објавено голем број есеи и статии од доменот на литературата, културата и преводот во разни списанија во земјата и во странство. Учествувал на бојни меѓународни поетски фестивали, конгреси и семинари и раководел со поетски и преведувачки работилници. За своето творештво ја има добиено наградата Студентски збор, за најдобра дебитантска книга (1985), престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди (Реканати, Италија, 2004), како и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две СВП (2018 за Небесна пантомима и 2022 за Збунети компаси). За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата Григор Прличев на Друштвото на литературни преведувачи (2001). Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата, а сега е негов актуелен претседател. Од 2003-2007 година бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, а сега е член на Уметничкиот совет на фестивалот.

 

Facebook Коментари