Популарниот шведски диџеј и продуцент Авичи почина вчера во Мускат (главниот град на Султанатот Оман), на возраст од само 28 години, соопштија од неговиот тим.
„Со огромна болка и тага ја соопштуваме загубата на Тим Берглинг, познат и како Авичи“,пишува во соопштението на неговата публицистка Дијана Барон. „Тој беше пронајден мртов во Мускат во Оман, овој петок, 20 април, напладне по локално време. Семејството е во шок и ги замолуваме сите да ја почитуваат нивната желба за приватност во ова тешко време“, се вели понатаму во објавата, додавајќи дека нема да бидат дадени други изјави.
Тим Берглинг, или Авичи, започна да објавува музика во доцните двеилјадити години, а првиот интернационален успех го забележа во 2011 година со прогресив-хаус темата „Levels“, која се најде на 1. место во Шведска и на Билбордовата листа за денс-синглови, а му ја донесе и првата номинација за Греми. Во 2012 година, пак, соработката со Дејвид Гета за темата „Sunshine“ му донесе уште една номинација за Греми, а истата година стана и првиот електро-уметник што бил главна ѕвезда во познатата њујоршка концертна сала „Радио сити мјузик хол“.
Од почетокот на кариерата, па се до трагичната прерана смрт, постигна неверојатен успех на светско ниво.
Facebook Коментари