Покрај веќе потврдените настапи на драмендбејс пионерот РОНИ САЈЗ, ѕверското име на андерграунд дет-метал сцената СИНИСТЕР и имињата од новата генерација на домашната сцена Д ПЛАНКТОНС, ШЕЛ ШОК и ОБОХТАЛ, во програмата на Д ФЕСТИВАЛ се запишува и вториот бран артисти кои ќе се погрижат за новото најпозитивно фестивалско лето во Дојран кое годинава ќе се одржува од 14-ти до 16ти јули. Во листата хедлајнери се запишува и шведската џез-електронска сензација КУП ОСКАР ОРКЕСТРА (KOOP OSCAR ORCHESTRA), бендот на Оскар Симонсон кој ќе го донесе совршениот летен звук под отвореното небо на Д ФЕСТИВАЛ. Музиката на светот годинава на Д ФЕСТИВАЛ ќе ја донесат исклучителните бендови од оваа сцена, ПРОЏЕКТ РАКИЈА (PROJEKT RAKIJA) и МЕСЕЧИНКА (MESZECSINKA) кои во Дојран пристигнуваат од Холандија и Унгарија. Претставниците од македонската музичка сцена пак, секоја година имаат посебно место на Д ФЕСТИВАЛ, а меѓу нив особено потенцијалните имиња од младата музичка сила кои годинава ќе бидат збогатени со настапите на МОНОГЛИЧ (MONOGLITCH) и КОНТАКТ 59 (CONTACT 59).
Многу музички бендови звучат како „Куп“ (KOOP), но „Куп“ звучат како никој друг. По 10 години борба, Оскар Симонсон, композиторот и продуцентот кој стои зад овој музички проект, замина од сцената на која се одржа последниот концерт на бендот. „Куп“ издадоа три албуми кои се сметаа како пресвртна точка во електронската сцена – „Sons of Koop“, „Waltz for Koop“ и „Koop Islands“. Иако никогаш не беа во центарот на вниманието, нивната идеа ја пренесуваа нивните фанови и андерграунд сцената, додека не дојдоа до точка кога нивната музика беше комплетно разбирлива. Пет години по распаѓањето на „Куп“, Оскар Симонсон чувствувал дека е повторно подготвен за музика. По кратко дружење со литванската пејачка Џазу (Jazzu), дознава колку му недостасува музицирање со други артисти, па одлучува да состави бенд со Џазу како вокал. Го нарекува бендот Koop Oscar Orchestra (KOO), а главната мисија е да ја слави големината на музиката, особено моментот што музиката има способност да ги поврзе луѓето на начин на кој ништо друго не може. Бендот прераснува во состав од седум музичари и нивното прво појавување во јавност е во есента 2015 година. Составот изведува песни кои Симонсон ги има напишано за „Куп“, заедно со други необјавени материјали, понекогаш проследени со автентичен фолк звук. За него, „суштината на музиката е да се состават повеќе различни звуци. Особено за сите тие осамени луѓе на сцена со лаптоп, преправајќи се дека прават нешто – да им ги растрепери срцата.“ Куп Оскар Оркестра прв пат настапи во Македонија во април минатата година, кога одржа концерт во целосно распродадената „Денсинг Сала“ во МКЦ. Овој јули Д ФЕСТИВАЛ е извонредна прилика за големиот број македонски фанови да уживаат во неговиот настап и тоа во летната фестивалска атмосфера која се чини како создадена за сезибилитетот на оваа музика.
ПРОЏЕКТ РАКИЈА, холандската балканска група предводена од Игор Секуловиќ има втор албум: Pump Up The Radio. Бендот е една цела весела дружина, а музиката искрена и ве предизвикува на добра забава и позитивни мисли. Игор по неговото преселување од Босна во Холандија ја започна музичката кариера уште како студент на Rockacademy каде што ги претстави модерните верзии на стотици години старите балкански песни, на кои традиционалните елементи се збогатуваат со енергичен ритам, рок гитари и психоделичен западен рок звук. Неговиот „Проџект Ракија“ уште од оформувањето функционира како едно семејство, сочинето од 12 музичари. Нивниот прв албум „Welcome To The Family“ веќе им обезбеди медиумско присуство во Холандија, како и настапи на одлични фестивали низ Европа и Балкан, вклучувајќи го и настапот за затворање на унгарскиот „Сигет“ на главната бина во 2014 година. Иако нивните песни се често меланхолични, длабоки и политички кога е во прашање пораката која тие ја пренесуваат, мелодијата на нивната музика и особено веселиот ритамот се нешто што нема да ве остави мирни, а групата најмногу ужива токму во овој контраст.
МЕСЕЧИНКА е оценет како еден од 12-те најдобри бендови од Унгарија кога е во прашање музиката на светот, кои настапиле на најреномираните фестивали на овој жанр. Тие пејат на седум јазици (Унгарски, Шпански, Руски, Бугарски, Фински, Арапски и нивниот сопствен), нивните членови доаѓаат од четири земји (Унгарија, Бугарија, Хрватска и Полска), а во нивната музика Унгарскиот и Бугарскиот фолклор живеат заедно со фламенко и психоделичниот звук, ориенталната и експерименталната музика. Групата е често на турнеја низ многу европски земји, а досега ги посетија и САД и Канада, снимаа видео на Црвениот Плоштад во Москва и видео од патувањето низ Балкан. Нивното уметничко видео „Kinyílok“ се искачи до шестото место на британската видео листа на World Music Network и fRoots Magazine. Новото уметничко видео на групата ја претстави и нивната страст кон шпанската музика, а бендот настапи и на WOMEX (World Music Expo) во Будимпешта. „Awake in a dream“ е најновото остварување на бендот, кое унгарските медиуми го оценија како „генијално“ и „веројатно најдобриот ворлд мјузик албум на годината.“ На овој албум „Месечинка“ навлегува уште подлабоко и се вивнува во нови височини на нивниот уникатен магичен свет.
МОНОГЛИЧ е новото име на групата „Проџект 2501“ (PROJECT 2501). Станува збор за аудио-визуелен концептуален сајберкор/сајберпанк бенд од Скопје кој постои од 2011 година, a обработува научно-фантсатични и сајберпанк теми. Визуелниот дел се однесува и на нивните изведби, при што песните се придружувани од страна на визуелизации сработени конкретно за изведуваниот материјал. Како „Проџект 2501“ тие веќе имаат запишано и победа на „Лузер Фест“, која им го донесе и гостувањето на еден од најголемите европски фестивали, словачкиот „Похода“ каде што со одличниот настап привлекоа голем број нови фанови од странската публика. Зад себе го имаат и своето прво ЕП издание под наслов “Ashes 2 Ashes/Analog 2 Digital”, а со нетрпение се очекува и објавувањето на нивниот прв студиски албум, најавено за годинава.
КОНТАКТ 59, актуелните победници на скопскиот „Лузер Фест“ доаѓаат со настап и на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран. Станува збор за најновото пријатно изненадување на македонската алтернативна сцена. Млад бенд оформен во Скопје од членови кои свират слободна музика со разноликост и разнобојност во мелодијата. До сега имаат неколку настапи низ Скопје и од концерт до концерт несомнено е дека ова е бенд кој постојано расте и со сигурност допрва ќе ги открива новите врвови во кариерата. Музичкиот жанр кои тие го негуваат е инди-рок и пост-панк, а покрај настапите во живо, наскоро го очекуваме и нивниот нов студиски материјал на кој во моментов се целосно посветени.
Извор: StrugaOnline
Facebook Коментари