Вечерва со почеток во 21:00 часот, градот Базел во Швајцарија ќе биде центарот на европската музичка сцена, каде што ќе се одржи првото полуфинале на 69-то издание на Евровизискиот натпревар. Натпреварот се одвива во арената Санкт Јакобшале, а домаќинството ѝ припадна на Швајцарија по победата на нивниот претставник Немо, кој минатата година во Малме триумфираше со песната „The Code“.
На сцената вечерва ќе настапат дел од вкупно 37 земји учеснички, кои ќе се борат за место во големото финале на 17 мај. Директен пласман во финалето веќе имаат обезбедено земјите од таканаречената Голема петорка – Германија, Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија – како и домаќинот Швајцарија.
Македонија и оваа година не учествува на натпреварот, но балканскиот регион сепак има свои претставници – Хрватска, Црна Гора и Србија. Особено внимание предизвикува враќањето на Црна Гора, која по двегодишна пауза повторно се приклучува на евровизиската сцена. Молдавија, пак, се повлече од натпреварот поради финансиски потешкотии.
Водителската тројка – Хејзел Бругер, Мишел Хунцикер и Сандра Студер – ќе ја води публиката низ вечерта исполнета со музика, сценски настапи и културен спој на Европа. Второто полуфинале ќе се одржи во четврток, на 15 мај, по што ќе биде познат целосниот список на финалисти.
Евровизија се одржува речиси секоја година од 1956 година и претставува најдолготрајниот интернационален музички натпревар емитуван во живо. Исклучок беше 2020 година, кога шоуто беше откажано поради глобалната пандемија.
StrugaOnline
Facebook Коментари