Почнува новото, рекордно издание на Д ФЕСТИВАЛ!

- Забава
1208


Утре (петок, 6-ти јули) официјално почнува програмата на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран, единствената фестивалска авантура во Македонија која годинава е пред своето осмо и рекордно издание од аспект на бројот на посетители но и учесници во програмата! Првите посетители на Фестивалот и ова лето пристигнуваат ден порано, веќе денеска од 15:00 часот кога официјално ќе биде отворен фестивалскиот камп во Дојран. Маратонската тридневна музичка програма, атрактивните имиња на стотиците учесници, реакциите и интересот на публиката, огромниот број на специјални гости во дополнителната програма и годинава потврдуваат дека Д ФЕСТИВАЛ со секое свое издание постигнува нови рекорди и дека од 6-ти до 8-ми јули нѐ очекува највозбудливото фестивалско доживување досега, а Дојран за време на овие денови на културно-уметнички раскош е најпосакувана дестинација во Македонија!
Само во музичката програма на Д ФЕСТИВАЛ своето учество го потврдија повеќе од 50 музички изведувачи, а двојно повеќе гостуваат во ракми на импресивниот број дополнителни активности во ПлоштАРТ зоната на Фестивалот. Меѓу предводниците на четирите музички бини, оваа година се запишаа големите светски, домашни и регионални ѕвезди како што се ПОЛ ВАН ДАЈК, АРХАНГЕЛ, ДИСАЈПЛС, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, СЕВДАЛИЗА, ГОРАН ТРАЈКОСКИ, ФИНК, СМАТ, СОНИК СПИСЕС, КОНКЕРИНГ ЛАЈОН, ХУ СИ, ФРЕНКИ, ФАНКИ ФРЕШ, ТРАП ДА ФАК АП, КОАЛА ВОИС, ХЕЛЕМ НЕЈСЕ, БРКОВИ и многу други. Музичката програма ќе се одвива речиси без престан за време на трите дена и тоа на Главна Бина, Mosquito Stage, Lake Awake и Church Stage, а годинава се воведува и музичкиот REGGAE BAR резервиран за позитивните вибрации во центарот на фестивалскиот камп.

КОМПЛЕТИРАНА И ПРОГРАМАТА НА CHURCH STAGE
Тивкиот, но исклучително квалитетен и суптилен Church Stage – кој лани доживеа ѕвездени и екстатични моменти со настапот на африканците Ali Farka Toure Band – и годинава ќе биде место кадешто ќе се собираат музичките сладокусци на Д Фестивал.
Концертите на овој стејџ ќе се одвиваат денски, практично пред почетокот на музичката програма на Mosquito Stage, почнувајќи во петок, 6 јули, во 15 часот, со настапот на Kiklop & The Banshee. Во сабота, 7 јули, на стејџот во црква најпрво ќе настапи Сашо Митревски, кого првенствено го познаваме како фронтмен на бендот Милко, овојпат во соло акустична варијанта, а по него и македонскиот џез хармоникаш и композитор со одлична меѓународна репутација и настапи во повеќе различни проекти низ Европа, Азија и Јужна Америка – Јордан Костов. Саботната програма ќе биде комплетирана со театарската претстава Хадерсфилд во изведба на Младинскиот алтернативен театар – МАТ. Во недела, 8 јули, црквата ќе ја окупира извонредниот словенечки бенд Koala Voice, во акустична верзија (нивниот редовен, „електричен“ концерт ќе се случи претходниот ден на Mosquito Stage), како и шармантниот и софистициран џез гитарист Бојан Петков – Шамба, кого публиката го познава, пред сè, од бендовите „Летечки Пекинезери“ и „Љубојна“. Најавен е, исто така  и специјалниот „surprise” концерт, со што ќе биде заокружена програмата на Church Stage.

МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД САМО МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ!
Програмата на ПлоштАрт која изобилува со најразлични креативни работилници, дискусии и спорт, водени од невладините организации и здруженија во Македонија, оваа година, гордо ја носи паролата на фестивалската европска иницијатива „Take a Stand. Инцијативата е дело на дистрибутерите на Европската музика и култура кои секоја година „снабдуваат“ илјадници млади луѓе со креативност, уметност и музика. Целта на иницијативата е да се промовираат позитивните општествени вредности, да ги соединат луѓето во обидот е да се промовира идеалот на една општествено свесна заедница која го практикува мирниот дијалог, слободниот говор и отворениот ум како стожери на идната генерација.
Креативниот град ПлоштАрт кој е во срцето на кампинг зоната е отворен за сите посетители на Д Фестивал од 10:00 до 18:00 часот, и има за цел да образува, да ја подигне свеста за критичните тематики на светско ниво и едноставно да пружи добра едукативно-креативна забава за време на трите фестивалски денови. Воедно, ПлоштАрт ќе изобилува и со одделни зони со своја целосна програма, како на ХЕРА МЛАДИ каде посетителите ќе може да се едуцираат околу „сексуалните табуа“, Бербер за супер-кул фестивалски Д стајлинг, Астродружба со Скопското Астрономско друштво, Книжевното катче на Полица, Култура и Арс Ламина, Зоната на Црно Кафе, заедно со „Escape Room“ Скопје за сите љубители на добрите загатки и „Arrow Tag“ индивидуално и тимско стреличарство за сите од 7 до 77 години.

Целосната програма на Д ФЕСТИВАЛ со распоред и саатници за трите дена е достапна за DOWNLOAD НА ОВОЈ ЛИНК.

Сите корисни информации ќе ги најдете во ПРИПРАЧНИКОТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ.

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ за сите кои допрва ќе купуваат билети!
Во продажба остануваат тридневните и еднодневните влезници кои овозможуваат пристап до комплетната програма на фестивалот за соодветниот период. Актуелната промотивна цена на тридневните влезници кои чинат 600 денари (без кампување) и 650 денари (со кампување) ќе важи САМО ДО УТРЕ, ПЕТОК ДО 20 ЧАСОТ, кога нивната цена на билетарницата на фестивалот ќе биде 800 и 850 денари! Еднодневните влезници пак, за било кој ден од Фестивалот чинат 350 денари. Сите информации за билетите се достапни на овој линк.

Д ФЕСТИВАЛ е единствениот кај нас, летен музички фестивал во вистинското значење на зборот, а како таков и уникатно случување во кое магичната атмосфера ја создаваат пред сѐ посетителите. А тие веќе потврдија, и ова лето Дојран повторно ќе го преплавиме со убавини!

Strugaonline

 

Facebook Коментари