По „Химна генерације“, „Дубиоза колектив“ ја претставува новата песна и спот. Бендот со своите спотови, текстови и музика многу често изненадува, провоцира или забавува, но новата песна носи соработка која е прилично неочекувана.
„Дубиоза колектив“ на својата „Фејсбук“ страница штотуку ја претстави песната „Треба ми зрака“ во соработка со легендата – Дино Дворник!
Идејата за оваа соработка изникна пред неколку години во Дубровник кога бендот се сретна со својот долгогодишен пријател, Харис Чустовиќ, продуцентот, диџеј, композитор, инструменталист и инженер на звук. Харис започна да работи на песната со Дино Дворник, која, на жалост, не успеаја да ја завршат и им предложи на Дубиоза да ја довршат „Треба ми зрака“ на свој начин. Бендот ја продуцираше песната заедно со Харис и иако таа носи поинаков звук од нивната вообичанеа продукција, сепак го задржува стилот на Дубиоза.
Момците од бендот и самите не кријат дека ќе биде интересно да се видат реакциите на луѓето на оваа песна, а ги опишаа и предизвиците со кои се сретнаа: „Токму тоа беше предизвик за оваа соработка, еден поинаков звук да го најде своето место. Се трудевме песната да го задржи својот дух во кој е напишана уште во 2003 година, а да звучи како нешто што би го напишале денес. Најтажно е тоа што тематиката на песната од пред 15 години, совршено кореспондира со актуелното време.“
Колку се горди на оваа соработка опишува Бранко Јакубовиќ од „Дубиоза“:
„Музиката на Дино Дворник имаше моќ да допре до луѓето кои за тој стил на музика воопшто не беа заинтересирани. Неговиот ненаметлив, но потполно отворен пристап е она што, ми се чини, ги освојуваше луѓето. Јас не бев загрижен фан, знаев само неколку од песните на Дино кои се вртеа во етерот, сѐ до 1996 година кога случајно отидов во сараевскиот „Металац“ на концертот кој Дино го одржа во апостолки. Таков бенд, и такво шоу никогаш дотогаш немав видено!
Ние се чувствуваме целосно исполнети бидејќи една одлична песна ја оттргнавме од заборав и на свој начин направивме своја посвета на Дино Дворник.“
За видео спотот заслужна е режисерката Марсела Занки која во приказната го следи ликот на „изгубената генерација“ кој сѐ уште живее со родителите, има проблематична врска, а поголемиот дел од своето време го губи на дружење и забава каде што има толпа слични луѓе кои наоѓаат спас еден во друг. Целта беше да се прикаже приказната за еден град по војната, а истиот да дише во атмосферата на Сплит и звукот на Дино и Дубиоза.
„Дино Дворник го обележа цело мое растење во Сплит, беше поинаков, ги поттикнуваше и охрабруваше луѓето со својата музика и идеи, беше постојано ‘тука некаде’, еден од нас.
Овој неочекуван дует го визуелизирав во Сплит како омаж за него на индиректен начин. Се обидов да ги прикажам традициите во кои луѓето тука се оковани, а кои воедно се и големи фрустрации на тој мал конзервативен град од кој произлегуваат бројни генијалци, но и многумина од оние кои под притисок на живеењето и состојбата во државата, се откажуваат од своите соништа, влегуваат во светот на дрогата, бегаат на улица.
Ова е приказна за било кој град на Балканот по војна, единствено што ја прави поинаква е тоа што Сплит е опкружен со прекрасна сончева природа и бои, што предизвикува тотален контраст на сивата, всушност депресивна приказна.“ – опишува Марсела.
„Треба ми зрака“ е вториот сингл со кој се најавува новиот албум на „Дубиоза колектив“, чија промоција се очекува наскоро.
Strugaonline
Facebook Коментари