Започнуваат прелиминарните средби со кандидатите за Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид во недела започнува првата од двете прелиминарни аудиции со кандидатите пријавени за Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR.
Втората е веќе следната недела со вториот дел од кандидатите, а во втората половина на март ќе следуваат и двете елиминациони аудиции. Најинтересниот дел од шоуто ќе се случува во текот на април, кога е предвидено големото полуфинале и финале.
– Задоволни сме од одзивот на охриѓани и стружани, кои покажаа голем интерес за да го покажат својот талент. Она што можеме да го кажеме е дека Охрид и Струга најмногу сакаат да пејат, затоа што над 90% од пријавените се за овој сегмент. Генерално, тоа се млади лица кои ветуваат добра забава и максимално ќе ја искористат можноста да се претстават пред јавноста. Во текот на првите две недели од март нашите ментори ќе имаат прелиминарни средби и ќе работат со кандидатите, по што ќе следуваат и двете елиминациони аудиции во тeкот на третата и четвртата недела од март. Во април следуваат полуфиналната и финалната вечер, кога најдобрите ќе покажат се` што знаат, информираат од Ohrid SUPERSTAR.
Најдобрите ќе се одбираат по три основи: според гласовите на жири Комисијата, според гласовите од телефонското гласање и според гласањето на публиката, што ќе важи само за полуфиналната и финалната вечер. Можат да се пријавуваат музичари, пејачи, глумци, бендови, стенд ап комичари, водители за Тв и Радио проекти.
Организаторите на шоуто обезбедија богати награди за учесниците: парична награда од 2.000 евра, снимање на песна и видео спот со Даниел Јовески и старт на Тв и Радио проект. Сите заинтересирани ќе можат да добијат дополнителни информации и на официјалната страна на Facebook.
Носители на проектот се Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети, а главен медиумски партнер е регионалната О2 телевизија. Медиумски поддржувачи се и порталите: Ohrid1, OhridNet, OhridPres, WebOhrid, Ohrid24, StrugaOnline и Inpress, како и струшкото Плеј радио.
извор: ОхридПрес

