Д-р Виолета Мојсовска- Наумоска од Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ доби престижна европска стипендија за интервентна кардиологија
По впечатливиот настап во 2025 година, кога со предавањата „All Things Vascular“ и „Imaging to the Rescue“ ги презентираше најсовремените пристапи во третманот на комплексни васкуларни и периферни артериски лезии и предизвика значаен интерес кај меѓународната стручна јавност, д-р Виолета Мојсовска Наумоска од Кардиолошки центар „Св. Стефан“ – Охрид на 19 февруари 2026 година во Минхен ја доби престижната европска стипендија за едукација и професионална надградба.
Стипендијата се доделува преку European Association of Percutaneous Cardiovascular Interventions (EAPCI) – европска асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции која функционира во рамки на European Society of Cardiology (ESC) и претставува едно од највисоките стручни тела во Европа за развој на интервентната кардиологија, едукација на кардиолози и поставување современи клинички стандарди. Грантот се доделува на мал број внимателно избрани кардиолози од Европа, како признание за научен придонес, клиничка експертиза и потенцијал за понатамошен професионален развој.
Особено внимание кај европските експерти привлече нејзиниот иновативен пристап преку тибијалната артерија при третман на долги CTO лезии на површинската феморална артерија — техника со директна практична вредност за пациентите, која овозможува подобра пристапност, поголема ефикасност и зголемена безбедност при сложени интервенции.
Овој успех не претставува само лична и професионална сатисфакција за д-р Мојсовска Наумоска, туку и значајна придобивка за домашната здравствена практика. Имплементацијата на европските протоколи, современите техники и најновите стандарди во интервентната кардиологија директно придонесува за побезбеден третман, намалување на компликациите и подобри клинички исходи за пациентите во земјава.
Со ова признание, македонската кардиологија добива уште една потврда за својата стручност и конкурентност на европско ниво.
Честитки за овој значаен чекор и очекувања за уште многу меѓународни достигнувања што ќе ја унапредуваат современата кардиологија кај нас.
StrugaOnline

