Лев банер Десен банер

На 1 февруари започнува осмата сезона на кампањата „Ги запознаваме ретките болести“

Постојат дијагнози кои се ретки, но надежта и солидарноста мора да бидат секогаш присутни. Со силна визуелна и човечка порака од медицински експерти од целиот свет, на 1 февруари официјално започнува осмата сезона на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2026“.

Оваа година, кампањата стартува со моќен меѓународен поттик. Во официјалното видео, доктори од различни земји, со дланки обоени во симболичните бои на ретките болести, испраќаат порака дека науката и човечноста не познаваат граници. Обоените дланки се симбол на поддршка и ветување дека пациентите со ретки болести не се сами во својата тивка, но храбра борба.

Кампањата е предводена од граѓанскиот активист Гордана Лолеска и здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со „Живот со предизвици“. Оваа година, таа буквално и преносно го осветлува патот на пациентите – на 1 февруари, знаменитостите низ државата ќе бидат обоени во боите на ретките болести и ќе светат во текот на целиот месец, симболизирајќи ја будноста и одговорноста на општеството кон овие граѓани.

„Осмата сезона е доказ дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите се симбол на прифаќање и разбирање. Нашата цел е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да отвори врати за подобра терапија и достоинствен живот за секој поединец со ретка дијагноза“, изјави Гордана Лолеска, претседател на здружението „Ретко е да си редок“.

Како и во изминатите години, кампањата продолжува со својата силна едукативна мисија. Во текот на февруари ќе бидат објавувани стручни текстови и видеа за ретки болести, подготвени во соработка со врвни специјалисти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници. Сите материјали ќе бидат достапни на македонски и албански јазик, со цел информациите да стигнат до што поголем број семејства.

StrugaOnline

error: