Едукативниот центар „Таргет“ е малиот универзум за учениците од прво до деветто оделение кои сакаат да стекнат нови и трајни знаења. Започнаа со работа во септември годинава и функционираат како едно семејство. Заедно со стручниот тим кој работи во „Таргет“, учениците пишуваат домашни задачи, есеи, се подготвуваат за тестови и уживаат во едукативни игри и квизови на знаење. Но, едукативниот центар „Таргет“ не застанува тука. Во текот на овој месец има вонредни уписи но и многу новитети. За сите нивни планови разговаравме со Билјана Мартиноска – професор по англиски јазик и Билјана Уцман – професор по германски јазик.
Strugaonline: Покрај стандардната училишната програма, се посветувате и талентите, односно воведовте часови по соло пеење – популарни жанрови. Каков е интересот до сега и колку во Струга има музички талентирани деца?
Билјана Мартиноска: Интересот е неверојатен, децата се повеќе сакаат да ги истагнат своите таленти. Професорката Вики која што е дипломиран соло пејач- насока популарни жанрови истакна дека децата многу поголем интерес покажуваат за популарните жанрови на сметка на класичната музика. Сето тоа придонесува да имаме пријавување на нови деца. Веќе започнаа со часовите но секојдневно се јавуваат нови членови кои сакаат сериозно да се едуцираат во областа на музичката уметност.
Strugaonline: Во второто полугодие од оваа учебна година започнувате со часови по математика, италијански и германски јазик. На што се должи оваа промена, дали можеби учениците во Струга покажуваат најмногу афинитети кон јазиците?
Билјана Уцман: Може така да се каже, сите знаеме дека знаењето странски јазици ни ги отвара вратите кон светот. Германскиот јазик е многу интересен за зборување и слушање, а моментално е број еден и во Европа и во светот. Во последните години во Македонија германскиот јазик е баран и за негово изучување интересот е се поголем. Луѓето во последно време често одат во странство на работа, некои се селат, а некои учат германски затоа што сакаат да си го прошират знаењето. Ние во ЕЦ „Таргет“ веќе подготвивме програма за германски јазик во која малите деца ќе учат преку песнички и игри. За возрасните подготвивме посебна програма преку која ќе се запознаат со германскиот јазик и граматиката како и потребото знаење за секојдневна комуникација. Германскиот и италијанскиот јазик ќе се изучуваат со два пати неделно.
Strugaonline: До кога траат вонредните уписи и на кој начин се врши пријавувањето?
Билјана Мартиноска: Пријавувањето трае се до 31-ви јануари. Групите се отворени, можат да се запишуваат нови членови и да се формираат нови групи. До 31-ви јануари сакаме да имаме една конкретна бројка за од 1-ви февруари да стартуваме со новитетите. Заинтересираните можат да се пријавуваат преку Facebook страницата на Едукативен центар „Таргет“ или на телефонските броеви 075 295 071 и 078 633 905.
Strugaonline: Со работа започнавте во септември, колку се остварени вашите очекувања во првото полугодие, како оди вашата соработка со учениците и нивните родители?
Билјана Мартиноска: Ние сме прв едукативен центар од ваков вид во нашиот град, нудиме подготовка за тестови, писмени задачи, пишување домашни задачи, подготовки за час за оделенска настава. Сето тоа што го започнавме во септември успешно го реализираме. Колешката која ги подготвува децата по оделенска настава добива повици од родители кои се многу задоволни од начинот на кој што учат и работат нивните деца. Голем интерес има и за курсеви по англиски јазик, освен што се учи по училишна програма, многу голем интерес има и за забрзани курсеви по англиски. Со нив започнуваме од второ полугодие и сите заинтересирани можат да се приклучат во групите и да добијат диплома на крајот од оваа учебна година.
Strugaonline
Facebook Коментари