Високи претставници на ИХФ во изминатите два дена беа во Скопје каде, по извршената инспекција, ги потврдија нашите две најголеми арени како домаќини на натпреварите на кадетското СП во 2019 година.
Данецот Пер Бертелсен, во својство на претседател на Комисијата на ИХФ за организација на настани и натпреварувања, заедно со Полјакот Марек Горалчук, кој е член на Комисијата, во изминатите два дена ги разгледуваа условите во спортските сали и сместувачките капацитети во нашиот главен град, по што беше утврдено дека кадетското СП ќе се игра во двете најголеми сали во Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“. Дополнително, за тренинзи на репрезентациите во текот на првенството ќе бидат искористени уште шест спортски сали.
По успешната инспекција на нашата земја како организатор на големото натпреварување, во наредниот период ќе следува дефинирање на точните датуми за одржување на првенството, за кое засега е познато дека ќе се игра во текот на летните месеци во 2019 година. На СП за кадети (до 17 години) ќе учествуваат вкупно 24 репрезентации, поделени во 4 групи од по 6 репрезентации.
РФМ доби висока оцена за подготвеноста да организира настан од овој калибар, што претставува и одлична препорака и во однос на сите слични настани во иднина. Последен пат РФМ и Македонија организираа СП во 2014 година, тогаш за кадетки, а во меѓувреме нашата земја постојано е домаќин на големи натпреварувања на континентално ниво. Во периодот од 20 до 29 јули 2018 година, во нашиот главен град ќе се игра и ЕХФ Шампионатот за ракометари до 20 години.
Извор:rkmetalurg.mk
Facebook Коментари