Јордан Ѓорчев и Никола Шимиќ-Тонин-добитници на наградата „Струшко слово“

- Локални
1433

Редакцијата на ревијата за книженост „Бранувања“ од Струга, во рамките на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“ – 2018, годинава по четвртипат ја доделува меѓународната награда „Струшко слово“

Добитници на овогодишната награда „Струшко слово“ се хрватскиот автор Никола Шимиќ Тонин – за особени заслуги во развојот на македонско-хрватските книжевни релации, и македонскиот писател,  карикатурист и ликовен уметник Јордан Ѓорчев – за особени заслуги во презентацијата и афирмацијата на македонскиот јазик и македонската книжевност и развивањето на македонските и руските културни релации.

Никола Шимиќ Тонин е роден во 1962 година во Црквице – Зеница (БиХ), живее во Драга – Пакоштан во Хрватска, е прозаист, поет, есеист, драмски автор, писател за деца, книжевен, ликовен и театарски критичар. Автор е на голем број книги: романи, поетски збирки и критики.  Застапен е во повеќе антологии, избори и книжевни списанија.

Неговото литературно присуство во хрватската поблиска и подалечна присутност е израз на неговиот творечки сензибилитет, кој што во основа е рационален, но во исто време – богат со метафори кои го слават и во исто време го поттикнуваат хрватскиот човек да биде горд и стамен крај сината вода од морето што не заплискува.

Добитник е на голем број награди и признанија.

Јордан Ѓорчев е роден во 1963 година во Свети Николе. Тој е прозаист, поет, карикатурист, ликовен уметник и научник. Во 2005 година тој ја основа Приватната високообразовна установа  Меѓународен Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе, чиј директор е во моментов.

Неговото литературно творештво е поливалентно и таму каде што завршува песната се продожува во расказите за да заврши со неговиот литературен израз. Поетското творештво на Ѓорчев што се движи на релација Он, Она и Оно, всушност  е славење на времето и просторот меѓу Ерос и Танатос. Тоа е доволно овој свеж литературен влог на авторот Јордан Ѓорчев, преставува и освежување за читателите

Добитник е на повеќе награди и признанија.

Досегашни добитници на наградата Струшко слово се Валерио Орлиќ (Хрватска),  Ѓорѓе Добре(Романија), Жарко Милениќ (БиХ), Мујо Буќпапај(Албанија) и Васил Тоциновски, Виолета Димова  и Панде Манојлов (Македонија).

Наградата „Струшко слово“ на Никола Шимиќ Тонин и Јордан Ѓорчев ќе им биде врачена на завршниот дел на манифестацијата „Струшки книжевни средби“ – 2018, што ќе се одржи од 5-ти до 7-ми  јули во Струга, Охрид и Вевчани.

Strugaonline

Facebook Коментари