„Импровокација“ утре го слави својот четврти роденден.
Станува збор за проект на професионалните актери, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски како главни протагонисти и Филип Ангеличин Жура како организатор.
– Идејата за оформување на оваа група во Охрид тлееше од многу поодамна во главите на Стаматовски и Тодороски, за да на 22.02.2016 година се случи првата претстава од така наречената „Импровокација“. Претставата се одржа во просторот под сцената на НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид. Место кое што понатака, спонтано, се здобива со името „Керал сцена“ и се’ уште се користи од публиката. Подоцна кон екипата се приклучува и Никола Јосифоски на пијано и „Импровокација“ покрај театарска се надоградува и со музичка импровизација. До овој момент се изиграни 55 претстави пред повеќе од 4.500 гледачи како во нашата држава, така и надвор од неа, информираат импровокаторите.
„Импровокација“ е фузија од Канадските техники за „театарски спорт“ (Theatre sport) и Американските техники за театарска импровизација. Таа припаѓа во таканаречената „кратка форма“ (short form) на театарска импровизација во која што се играат не помалку од 12 различни „игри“ за 80-тина минути и тоа ја прави да е многу динамична и забавна. Дијалогот, мизансценот, каратерите и приказната, во нивната најчиста форма, се создаваат заеднички во мигот, пред очите на публиката без никакви предходни подготовки. Точно заради тоа секоја изведба на „Импровокација“ е премиерна и никогаш не може да се повтори уште еднаш. Ваквата форма на театар е комична, спонтана и интимна.
„Импровокација во секој град и за секое домаќинство!“ е еден од идните планови на екипата. Покрај редовните изведби во градот и надвор од него се планира и одржување на работилници за театарски импровизации наменети за професионалци, студенти по актерска игра и аматери кои што би сакале да се пробаат или занимаваат со театарски импровизации.
– Длабок поклон од екипата за публиката на „Импровокација“ за изминативе 4 години. Сакаме да ги прославуваме заедно и идните родендени. Повелете во сабота на 22.02.2020 година од 20:00 часот на „Керал“ сцената при НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид заедно да го прославиме нашиот 4-ти роденден. Подароците се задолжителни. Телефонот за резервации на места е 075/283-066, додаваат актерите.
Strugaonline
Facebook Коментари