Денеска се одбележува 7-ми мај, Денот на македонската полиција.
– Овој ден, за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа. Ефикасноста на вашата работа се мери преку конкретни резултати како што се борбата против криминалот и во голема мерка, почитта и довербата на граѓаните, како и целокупната атмосфера во нашата земја. За споредба, во периодот од 1 јануари 2021 до 15 април 2021 година кривичните дела бележат тренд на намалување за 9,5% во споредба со истиот период минатата година. Организациските единици во Бирото за јавна безбедност активно постапуваат по седум оперативни акции и резултатите се видливи. А ваквите резултати влијаат и врз зголемување на довербата од страна на граѓаните кои отсекогаш знаеле да ценат чесна, несебична работа и беспрекорно извршување на должностите, со што го градите и имиџот на полицијата, воопшто. Огромно е задоволството што во последните години одново успеавме да ја воспоставиме таа традиција на обезбедување на почит кон секој таков поединец кој придонесува за градење на нашето демократско општество со европски стандарди во полицијата, а МВР како силна институција која го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите и претставува квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани, напиша Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Честитки до сите полициски службеници за нивната работа упати и премиерот Зоран Заев.
– Полицајците се нашите заштитници, чувари на граѓаните, на нивните права и безбедност. После сите премрежија и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, денес може слободно да кажеме дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – еден од столбовите кој ја гарантира државноста, основа на безбедноста и во исто време полиција – пријател и заштитник на граѓаните, истакна премиерот Заев.
Со одлука на Владата на Република Македонија од 20-ти април 1993 година, 7-ми мај е востановен како Ден на македонската полиција.
Strugaonline
Facebook Коментари