Од 1-ви декември во употреба само биоразградливи кеси што ќе се наплаќаат по 15 денари
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, денеска одржаа заедничка прес-конференција на тема новите закони за управување со отпад кои ќе овозможат конечно европеизирање на управувањето со отпадот. Со ова, како што порачаа, конечно ќе се реши овој горлив проблем кој се таложел со декади и ќе се прекине синџирот на лошо управување со отпадот.

На прес-конференцијата премиерот Заев информираше дека неодамна Собранието на Република Северна Македонија ги донесе преостанатите четири закони од областа на управување со отпадот: Закон за управување со отпадот, Закон за управување со пакување и отпад од пакување, Закон за управување со дополнителни текови на отпад и Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Со ова, како што истакна, се заокружува легислативата неопходна за европеизирање на управувањето со отпад.
Меѓудругото, Заев информираше дека целосно се забранува пуштањето на пазар на пластични кеси, а крајните потрошувачи ќе може да купат само биоразградливи кои се произведени согласно пропишани стандарди, рече Заев.
Министерот за животна средина Насер Нуредини додаде дека тие кесите не смеат да бидат екстра-лесни и ќе треба да се плаќа надоместок од 15 денари, а парите ќе одат во посебен фонд за животна средина. Од 1-ви декември угостителските објекти нема да имаат право да продаваат храна во пластични еднократни пакувања во заштитените природни подрачја.

– Идејата на оваа мерка е граѓаните пред се да користат сопствени торби за повеќекратна употреба за пазарување. Секојдневното користење на пластика создава секојдневно големи количини кои не се разградуваат, истакна Нуредини.

