Денеска во Струга започна Националниот натпревар на најдобри ученички компании

- Локални, Македонија
549

Во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, денеска во Струга започнува Национален натпревар на ученички компании, настан на кој учениците од средните училишта од државава ги презентираат производите и услугите кои ги развивале во рамките на својата ученичка компанија пред жири комисија и публика.

На натпреварот кој ќе се одржи во периодот од 09:30 до 14:30 часот, учество ќе земат 20 ученички компании од 13 средни училишта од Берово, Битола, Виница, Велес, Гостивар, Прилеп, Кочани и Скопје. Во рамките на натпреварот учениците предводени од одговорниот наставник имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандовите кои се поставени на самото шеталиште пред хотелот Дрим во Струга.

– Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија е тридневен настан на кој учениците од средните училишта во земјата, заедно со нивните наставници ментори, ќе ги претстават своите ученички компании, како и своите производи и/или услуги. Програмата насловена „Ученичка компанија“ е изборна образовна програма која им овозможува на учениците да бидат вклучени во развојот и менаџирањето на сопствените компании, да развиваат производи и услуги и да управуваат со заработувачката на пари уште пред да го завршат средното образование. Програмата се заснова на принципот на учење преку работа – учениците преку наставната програма, под надзор на обучени менторски наставници, создаваат компанија, ја развиваат и затвораат во текот на учебната година. Во попладневниот дел, за време на Церемонијата за прогласување на победници која ќе се одржи во конгресната сала на хотелот „Дрим“, на присутните ќе им се обратат: вршителот на должност директор на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во Македонија Џејмс Стајн, Министерот за образование и наука во Владата на Република Македонија Јетон Шаќири и Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, информираат организаторите.

Џуниор Ачивмент Македонија веќе пет години организира ваков тип натпревари, како и голем број обуки и работилници посветени на претприемничкото образование, финансиска писменост и подготвеност на младите за работа.

Натпреварот е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и Фондот за иновации и технолошки развој и потпомогнат од Агенција за поддршка на претприемништво во РМ, Пакомак, Националниот младински совет на Македонија, ГДИ, Семос едукација и Бизнис Академија Смилевски.

Facebook Коментари