Вчера 18.06.2022 год во Струга се одржа традиционалната веслачка регата „Струга Опен“ во организација на веслачкиот клуб Црн Дрим од Струга. На истата зедоа учество пет веслачки клубови од земјава и соседна Бугарија и Грција. Трките се одвиваа на регатната стаза кај Автокампот „Ас“ кај населбата Езерски Лозја.
„Веслачката регата Струга Опен прераснува во сериозно веслачко натпреварување и во својата речиси 20 годишна традиција стана место за одмерување на веслачките квалитети на младите веслачи ширум Балканот. Доказ за тоа е што оваа година видно беше зголемен бројот на клубови од странство и секако натпреварувачкиот квалитет беше на едно многу повисоко ниво.- вели Игор Скепароски од организацискиот одбор на регатата.
Струшките веслачи имаа одличен учинок во трките во кои што зедоа учество а посебно се истакнаа: Елена Столеска која освои прво место во дисциплината Скиф за јуниорки, Климентина Стојмиловска прво место во скиф за кадетки, Александар Хиохи и Леон Шутиноски прво место во дисциплината Дубл Скул за пионери, и Ана Прентоска прво место во дисциплината Скиф за Пионерки, понатаму во успехот на стружани придонесоа и Филип Чабасоски и Владимир Голабоски со освоено второ место во дисциплината Дубл Скул за Јуниори, Вања Кукунеш второ место во дисциплината Скиф за пионери и Евгенија Грданоска која во дисциплината Скиф за кадетки беше трета, а идентичен пласман имаше и во трката Дубл скул за Кадетки заедно со Ана Прентоска.
Претседателот на Веслачката федерација на Македонија д-р Здравко Голабовски го искористи присуството на најважните чинители на веслачкиот спорт во земјава и опкружувањето, и по повод 90 годишнината од веслањето во Македонија им додели пригодни кристални плакети како признание за придонесот во развојот н македонското веслање.
Facebook Коментари