Поради голем интерес, претставата ,,Петар Пан- Големата битка“ утре повторно пред струшката публика

- Локални
984

Театарската претстава за деца и младинци ,,Петар Пан- Големата битка“ ќе ја има својата втора изведба во Струга утревечер, 20:30 часот, по премиерата на која публиката покажа огромна заинтересираност.

,,Претставата е адаптација на сегмент од истиоменото дело на Џејмс Метју Бари и на многу интересен, хумористичен и автентичен начин како наративно, така и визуелно ја прикажува битката помеѓу бандата на добро познатиот капетан Кука од една страна и Петар Пан со Венди, Џон и Мајкл од друга страна. Пристапот кон претставата е невообичаен, впрочем се одвива во природа користејќи ги нејзините бенефити за сценографски решенија. Така претставата делумно се одвива на копно во шумест предел, дел на вода и дел непосредно пред самата публика.“-информираат од тимот на претставата

Креативниот тим е спој на уметници од Струга, Куманово и Прилеп кои се задолжени за магичната атмосфера под струшкото небо кај добро познатото место на стружани ,,Кајакарсконо”.

Актерскиот тим го сочинуваат: Ѓорѓи Крстески, Дарко Карбески, Мишо Димитриjевски, Чедомир Митевски, Виолета Лазароска Куцуловска, Иларија Гулеска, Андреј Мандоски, Александар Мандоски, Милко Нестороски, Викторија Попоска, Евгенија Узунова, а останатиот авторски и организациски тим: Горазд Колоски, избор на музика и микс; Билјана Гулеска, костимограф и сценограф; Милко Нестороски, Бојан Секулоски, Викторија Попоска, сценографија. Организатор на претставата е Дејан Зозоски. Претставата е во соработка со НУЦК ,, Браќа Миладиновци”, Струга и Кајакарски клуб Црн Дрим, Струга.

Карти во претпродажба може да се купат во Мезебар Кингстон и Барабар Мезебар.
Strugaonline

Facebook Коментари