Црвен крст Струга со симулативна вежба го одбележа Светскиот ден на првата помош
Со симулативна вежба и демонстрација на техники за укажување прва помош, Општинската организација на Црвениот крст – Струга го одбележа Светскиот ден на првата помош. Активноста се одржа на кејот на Охридското Езеро, со цел да се подигне свеста кај граѓаните за значењето на првата помош и важноста од брза и правилна реакција во итни ситуации.
Активноста годинава се реализираше под мотото „Прва помош и миграции“, со кое се истакнува дека познавањето на техниките за прва помош е животно важна вештина која треба да биде достапна за секого.
Посебен акцент беше ставен на лицата во движење, кои во различни ситуации можат да се соочат со здравствени ризици и потреба од итна помош. Преку практичната демонстрација, присутните имаа можност да се запознаат со основните постапки и начини на правилно реагирање при итни случаи.
Во рамки на активноста, волонтерите на Црвениот крст Струга споделија и информативни флаери со граѓаните, преку кои беа испратени пораки за важноста од стекнување основни знаења и вештини за укажување прва помош.
Од Општинската организација на Црвениот крст – Струга посочуваат дека ваквите активности имаат важна улога во информирањето и едукацијата на населението, бидејќи навремената и правилна реакција во критичен момент може да биде од големо значење.
StrugaOnline

