Промоција на монографијата „Македонија, Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи“ од Драган Попоски – Стојнин во Вевчани
Пред голем број љубители на пишаниот збор на 15 август, во црквата „Свети Никола“ во Вевчани, во рамките на културната манифестација „ВЕВКУЛ“- 2023, беше промовирана монографијата „Македонија, Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи на пензионираниот доктор по медицински науки Драган Попоски – Стојнин. Монографијата е издание на „Бата прес“ а на промоцијата за неа зборуваа Мишо Китаноски писател, новинар и публицист, Ефтим Клетников македонски поет, книжевен критичар, есеист, преведувач и колумнист, кој истовремено и рецензент на делото, како и историчарот д-р Павле Митрески, универзитетски професор во пензија.

Книгата е полемична. Драган Попоски-Стојнин со многубројни документи ги оспорува тезите на поранешниот пратеник на ДУИ Бранко Манојловски за етничката и верската припадност на жителите од овој крај. Имено тие тврдат дека во Кичиница живеаат православни Албанци.
Станува збор за монографија која е плод на долгогодишната подготовка и во која се истражува историјата на Кичиница, на селото во Горна Река, топонимите низ историјата, јазикот, христијанската вера, обичаите црквите, манастирите, празнувањата на црквовните празници, традиции, како и за отпорот на горнореканците и Македонците кон однародувањето.
Монографијата која има 415 страници 191 илустрација, во голем дел „е претставено историското минато, милениумскиот континуитет на опстојувањето на Македонците на Балканскиот Полуостров. Тука се претставени факти за етногенезата на Грците, Бугарите и Албанците, доселување и населување низ столетијата“, пишува во рецензијата д-р Михајло Миноски.

Ефтим Клетников, познатиот македонски поет, преведувач, книжевен критичар и есеист, во рецензијата за книгата, меѓу другото пишува, дека Драган Попоски – Стојнин, во својата потрага по македонскиот идентитет, а поаѓајќи од Кичиница кон модерен архитип на македонскиот историски проклетилок, интуитивно и со една понорна рефлексија, сјајно се надоврзува на Ѓорѓија Пулески, најзначајниот македонскиот преродбеник кога станува збор за идентитетот.
Уводничарот на оваа несекојдневна промоција, истакнатиот публицист, писател, поет и хроничар на Вевчани, Мишо Китаноски, ги запозна подетално присутните со Драган Попоски – Стојнин. Роден е на 29 март 1940 година во Вевчани, а и крстен во вевчанската црква „Свети Никола“, како син на Ристо и Стојанка. Виорот на Втората светска војна е трагичен за неговата фамилија. Како дете без родители растел и се школувал во детските домови во Битола, Скопје, Кратово, Ресен, Валандово. Во 1960 година завршува гимназија во Битола, а Медицински факултет и специјализација во Скопје. Во 1961 година формира семејство со гимназиската љубов Марија истакна Китаноски.
Работи како лекар, а подоцна како советник на медицина и фармација во фабриката за лекови „Галеника“ од Белград. Во 1992 година, меѓу првите во Република македонија ја формира приватната здравствена организација – аптеката „Биолек“ со работни едници во Скопје и во Битола. Покрај медицинската дејност, тој го проучува и демографското прашање во Републиока Македонија. Хоби му се сликарството и изработката на уметнички ракотворби. По пензионирањето живее и твори во Охрид.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

