Од 24 до 28 август проследете го 62. издание на Струшките вечери на поезијата

Од 24 до 28 август, Струга повторно станува центар на поетските случувања: Од традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата на 24.08. во 12 часот до завршното читање на Мостот на поезијата на 27.08 во 20 часот, љубителите на поезијата ќе имаат можност да уживаат во повеќе поетски читања на кои ќе се претстават 25 поети од странство и преку 40 домашни поети од различни генерации. Ќе имаат можност да ги проследат книжевните портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга и „Браќа Миладиновци“, како и Портретот на добитникот на Златниот венец, Влада Урошевиќ, изложби во чест на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов и 200 години од раѓањето на Шандор Петефи, промоции на изданијата на Струшките вечери на поезијата и уште многу други содржини.
Програмата се реализира во Струга, а како и секоја година, Портретот на добитникот на Златен венец се одржува во Св. Софија во Охрид. Оваа година, во термин непосредно пред овој настан, во Св. Софија ќе се одржи и свечен настан посветен на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.
Во рамки на „Поезија на пат“ на 28 август во 12:30 часот, во Крушево, Град на културата за 2023 година, во соработка со Општина Крушево и Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ ќе се одржи поетско читање.
Како и секоја година, Меѓународниот поетски митинг ќе се одржи во Скопје, во 20:30 часот на 28 август во Музејот на современата уметност.
StrugaOnline

