„Седум навраќања на темата Гане Тодоровски“ денеска во ДПМ

- Македонија
1190

Под мотот „Седум навраќања на темата Гане Тодоровски“  Друштвото на писатели на Македонија денеска ќе го чествува делото на авторот Гане Тодоровски, кој зазема значајно место во македонската современа литература.  Оваа манифестација се одржува по повод роденденот на Гане Тодоровски, 11 мај.

Преку седум беседи на  познавачи на творештвото на  Гане Тодоровски (1929 – 2010) ќе се зборува за аспекти на неговата поезија, книжевната наука, преводот, критиката и есејот. Блиските соработници на Тодоровски ќе ги потсетат присутните за учеството на Гане Тодоровски во литературниот живот, како член на ДПМ од 1951 година и во два мандати претседател на македонската писателска асоцијација, за влогот во покренувањето, осмислувањето и развојот на Струшките вечери на поезијата, за боемскиот живот, како и за неговата педагошка работа на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Настанот ќе започне во 12 часот

Гане Тодоровски својата прва поетска книга, со наслов „Во утрините“, ја објави во 1951 година. Во наредните шест децении тој создаде обемен творечки материјал за кој е добитник на високи признанија, меѓу кои и на наградите „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Димитар Митрев“ и „Ацо Шопов“.

 

Facebook Коментари