,,По стапките на дедо“ е насловот на изложбата со рачни изработки од Сара Матовска што на 26-ти мај ќе се одржи на женска плажа -Beach Bar Holiday. Посетителите ќе имаат можност да го погледнат накитот од волна и филигран, изработен од вредните раце на Сара, која занаетот го научила од нејзиниот дедо, познатиот стружанец Ѓорги Матоски.
,,Дедо ми беше смирен, работлив, сеемен човек, угледен граѓанин на Струга, секогаш во својот дуќан каде создаваше уникатни парчиња накит по примерот на неговиот дедо и на татко му Ристо. Доживеа длабока старост, но неговата смрт сепак ме остави недоискажана колку сум му благодарна за сѐ што научив и наследив од него. Изложбата што ја подготвив е мој начин да ја изразам таа благодарност и почит.“-изјави Сара за Strugaonline.
Таа додаде дека целта на оваа изложба е да ги врати стружани во минатото кога застануваа во неговиот дуќан и за да купат нешто, но и да си позборуваат со него.
Инспирирана од тој непосреден принцип, Сара од прва рака ќе ги информира посетителите за процессот како е создаден накитот, сите ќе можат да пробаат како им стои и да си изберат парче по свој вкус.
-Ќе бидат изложени мои изработки, но и парчиња од филигран кои дедо ми не успеа да ги доврши, а тоа го сторив јас. Оваа година дедо ми би полнел 101на година, или како што народски велиме “до 101на и назад”. Со овој настан ги одбележуваме неговите 101на и се надевам дека ќе успеам споменот на неговиот лик и дело да го одржам жив барем уште 101на.-потенцира Матовска.
Почетокот на изложбата е закажан за 12:00 часот.
Strugaonline
Facebook Коментари