,,Губилиште“ е насловот на изложбата на карикатури од авторот Анастас Ќушкоски што утревечер ќе биде отворена во Клубот на пензионери во Вевчани.
Љубителите на карикатурата како уметничка форма на изразување, ќе имаат можност да видат триесет карикатури изработени пред педесет години.
Според авторот, во неговите дела има црн хумор и доза на иронија на одредени човекови состојби.
-Во карикатурите е прикажано мое видување на обидите на човекот да се спаси кога е пред сама смрт, затоа што тогаш мозокот работи најмногу. Опишан е претсмртниот час и одбрамбените механизми на мозокот, сето тоа зачинето со црн хумор и иронија-изјави за Strugaonline Анастас Ќушкоски.
Изминативе години, според него, карикатурата не била многу актуелна кај публиката, па не сакал ништо да наметнува. Смета дека сега е вистинско време неговите дела создадени пред пет децении да ја видат светлината на денот.
-Освен карикатурист, јас сум поет, драмски автор и фотограф. Карикатурата еден долг временски период како да немаше свое место во уметноста, имаше периоди кога сакав да направам изложба, но немаше смисла, па се посветив на другите уметности со кои што се занимавам. Сега мислам дека е времето, не би сакал карикатурите ,,Губилиште“ да останат далеку од очите на публиката-додава Ќушкоски.
Освен авторот, на изложбата ќе се обрати Ненад Баткоски, а афоризми ќе читаат Симун Лешоски и Косте Шутноски.
Изложбата се одржува во рамки на Вевчанското културно лето, а стартот е закажан за 19:00 часот.
Strugaonline
Facebook Коментари