Стартуваат 63-тите Струшки вечери на поезијата

- Локални
597

Со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, денеска во Струга почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечерва со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата.

Најавен е настап на познатиот пијанист Дино Имери, читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски , обраќање на Министерот за култура Зоран Љутков и традиционалното поетско читање ,,Меридијани“.

Како што најави СВП, годинава на оригинален начин, со поврзување на главната и летната сцена ќе бидат истакнати сите потенцијали на сценскиот простор.

Додаваат дека во рамки на поетското читање „Меридијани“, свои стихови ќе прочитаат: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг,кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

На фестивалската програма годинава се и чествувањата на годишнините на петмина македонски поети и одбележување 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањата на Гане Тодоровски и Матеја Матевски, како и традиционалното поетско кафе со поети од платформата Версополис. Ќе биде отворена и изложба на Литов Намдаг Јанчивин, почесен конзул на Монголија, по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Фестивалот завршува в недела со манифестацијата „Мостови“, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“„Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, ,Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова.

Мотото на годинешниот фестивал е ,,Допир на убавината“.

Strugaonline

фото: Play radio архива

Facebook Коментари