Огревното дрво е најголем извор на аерозагадување во Струга
Според резултатите кои беа презентирани за изворите на загадување на воздухот во пет општини, организиран од Програмата за развој на Обединети Нации (УНДП), огревното дрво е најголем извор на аерозагадување во Струга, Куманово, Кавадарци, Струмица и Гостивар.

Во резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1000 примероци во сите пет општини, со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомаса (дрва) за греење, следено од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци. Во повеќето општини, палењето на стрништата и други отпадни материјали на отворено или во импровизирани котли, имаат исто така значително учество во вкупното загадување. Сепак, согорувањето на дрва, но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки/котли во текот на зимските месеци, е веројатно главниот извор кој може да се поврзе со појавата на епизодите на екстремно загадување.
Настанот го отвори првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити кој изјави дека „Овој проект служи како пример за тоа како можеме да преминеме од идентификување на изворите на загадување до преземање конкретни чекори за нивно решавање. Се надоврзуваме на успехот на претходниот проект поддржан од УНДП во скопската населба Лисиче, каде ефективно беа финансирани и спроведени конкретни мерки за намалување на аеро-загадувањето. Уверен сум дека овој нов проект ќе го спроведеме со исто ниво на посветеност, обезбедувајќи конкретни акции кои ќе им помогнат на жителите од овие општини да дишат почист воздух.“
Според Постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Армен Григорјан, загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата. Затоа УНДП со финансиска поддршка на Шведска интензивно работи на изнаоѓање соодветни решенија. Настанот се организира во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП, којашто е финансирана од Шведска, а го вклучува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти.“
StrugaOnline

