Денеска започнува Меѓународен хорски форум – Струга 2017

- Локални
1213

Во периодот од 22.6. до 1.7. 2017 година, во Струга ќе се одржи четвртиот меѓународен хорскиот форум. Хорскиот форум претставува единствен меѓународен хорски настан во Македонија со едукативни содржини и се карактеризира со уникатна концепција. Во периодот од 9 дена хоровите учесници имаат можност да се запознаат со македонската музичка традиција преку работа на музика од богатата хорска ризница со раководителот на форумот, маестро Сашо Татарчевски. Освен тоа, учесниците добиваат и мастер класови за диригирање и практична работа со хорски ансамбли, како од маестро Татарчевски, така и од специјалниот гостин на овогодинешното издание, маестро Денеш Сабо од Унгарија.

По исклучително успешните три претходни изданија, форумот и годинава ја проширува понудата со нови содржини за учесниците како и уште повеќе отворени концерти за публиката. На 23.6 (петок) е концертот на свеченото отварање на форумот на кој ќе настапат сите хорови. На 25.6. (недела) ќе се одржи концерт со програма која ја рефлектира традицијата на земјите учеснички на форумот. И двата концерти ќе се одвиваат на специјално направената сцена во прекрасниот манастир во Калишта, а освен странските ансамбли на овие концерти ќе настапи и женскиот младински хор при МКЦ, Скопје. Завршниот концерт на форумот, кој традиционално се одржува во црквата Св. Софија во Охрид е закажан за 29.6. (четврток) со почеток од 19:00 часот каде ќе се презентира програмата која се работи во текот на форумот.

Во комплетно осмислениот и пополнат распоред, ансамблите учесници имаат можност да се запознаат и со историјата на Македонија, да ги видат културно-историските особености на Охридско-Струшкиот регион како и да уживаат и да се дружат во прекрасната околина на Струга.

Сашо Татарчевски – Раководител на меѓународниот хорски форум

Во моментов е најистакнатиот македонски диригент кој успешно работи со три хорски ансамбли. Своето долгогодишно искуство како диригент и професор на факултетот за музичка уметност го има надополнето со бројни учества на меѓународни фестивали, натпревари, семинари и мастеркласови поврзани со хорската и оркестарската уметност. Освен со повеќе хорски ансамбли, работел и настапувал и со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Битола, Битолската опера, Државниот симфониски оркестар на Русија, симфонискиот оркестар на Ермитаж, младинскиот симфониски оркестар на Санкт-Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, симфонискиот оркестар на ФМУ, “Солисти на ФМУ“, ансамблите за современа музика “Алеа“ и “КонТемпора“, симфонискиот оркестар на Битфест и.т.н.

Освен во Македонија, настапувал во многу Европски држави освојувајќи голем број награди и признанија со своите ансамбли. Член е на жири комисии на реномирани меѓународни хорски натпревари а од 2014 година е уметнички раководител и главен диригент на меѓународниот хорски форум во Струга

Извор:Strugaonline

Фото: Сашо Татарчевски

 

Facebook Коментари