Почна изградбата на „Источноколекторска“: Струга го решава сообраќајниот метеж на влезот во градот
Струга влегува во нова развојна фаза откако официјално започна реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на патот Струга–Мороишта, познат како „Источноколекторска“.
Станува збор за стратешка инвестиција која има за цел конечно да стави крај на долгогодишниот проблем со сообраќајниот метеж на влезот во градот и да обезбеди побрза и поефикасна комуникација.
Проектот е поддржан од Министерство за транспорт, кое првично предвиде буџет од 2,2 милиони евра. По спроведена транспарентна тендерска постапка, како најповолен понудувач е избрана компанијата МИ Транс со понуда од 1,2 милиони евра. Останатите средства ќе бидат пренаменети за други проекти од јавен интерес.
Првата фаза од изградбата опфаќа делница во должина од 600 метри – од кружниот тек кај Фон до Туристичката улица. Предвидено е патот да има ширина од 35 метри, четири сообраќајни ленти, централен зелен појас, како и тротоари и дополнително зеленило од двете страни.
Работите ќе се реализираат во две фази, со вкупен рок на изградба од шест до девет месеци. Втората фаза, која ќе продолжи до Туристичката улица, ќе започне веднаш по завршувањето на првата, во рамки на истиот проект.
Новата сообраќајница ќе овозможи модерен и функционален влез во Струга, а во иднина ќе се поврзе и со патот кон Мороишта, со што значително ќе се подобри мобилноста и ќе се поттикне развојот на целиот регион.
Со овој проект, Струга прави значаен чекор кон модернизација на инфраструктурата и создавање подобри услови за живот на граѓаните.
StrugaOnline

