Стружани си ги кажаа своите маки на граѓанска отворена дискусија во организација на „Замисли“
Стружани ја истакнаа дивата депонија што веќе 20 години претставува темпирана еколошка и здравствена бомба како еден од најтешките проблеми со коишто живеат. Откако домашните судови се прогласиле за ненадлежни, за ова е запознаен е и Судот за човекови права во Стразбур кој ја прифати тужбата поднесена од адвокат од Струга и Македонското здружение на млади правници и ќе расправа по неа.

Дивата депонија „никната“ во Струга пред 20 години продолжува да е веројатно најгорливиот проблем со којшто се соочуваат жителите на градот на Дрим. За овој „монструм“ како што го нарекоа револтираните стружани, тие најмногу сакаа да зборуваат на отворениот разговор со нив што вчера во просториите на локалното здружение на граѓани „Аква“ го организираа Граѓанската сила “Замисли“ и БКЦП “Солуција“, како продолжение на карванот отворени дискусии со јавноста под името „Кажи си ја маката“, почнат во 2025 година.
„Со овој проблем живееме веќе дваесет години, откако во 2006 тогашната локална власт одлучи отпадот од градот да се одлага на плодно земјиште, на само 500 метри од првите куќи и од речното корито на Црн Дрим, и едвај два километри воздушна линија од Охридското езеро, коешто е заштитено од УНЕСКО. На депонијата се одлагаат преку 40.000 тони отпад годишно, вкопана е 10 метри во земја и висока преку 20 метри во моментов. Затоа што не е по стандарди и нема строги критериуми за тоа каков отпад се одлага на неа, преку подземните води ги загрозува Дрим и езерото, а со честите палења и воздухот во Струга и пошироко“, истакна Глигорие Ќатоски, еден од присутните граѓани на трибината, којшто е адвокат по професија, и со години заедно со уште неколку загрижени стружани водат правна и институционална битка за решавање на овој проблем.
Тие во 2021 година поднеле и тужба со која барале судот да утврди дека со функционирањето на дивата општинска комунална депонија се повредени правото на здрава животна средина и да ги задолжи Министерството за животна средина, Општина Струга и јавното комунално претпријатие да преземат конкретни мерки поврзани со депонирање на отпад на сегашната локација и нејзино санирање. Струшкиот Основен суд ја одбил тужбата прогласувајќи се ненадлежен, а Апелацискиот во Битола ја отфрлил жалбата.
„Очекувано и за жал, македонските судови не покажаа доволен капацитет да одлучуваат по вака битни прашања за заштита на јавниот интерес на граѓаните, па решивме заштита да побараме од Судот за човекови права во Стразбур, од каде што во август минатата година ја прифатија нашата апликација и сега ја очекуваме одлуката за тоа како и што треба да направиме за да се заштитиме од вакво загадување“, истакна Ќатоски.
Ќатоски и останатите сограѓани присутни на дискусијата истакнаа дека последиците од ова загадување веќе се чувствуваат, судејќи според неофицијалните податоци на здравствените власти според коишто драстично е зголемен бројот на респираторни и малигни заболувања во Струга и околината во последниве десетина години.
На настанот граѓаните посочија и други, исто така значајни предизвици со коишто се соочуваат, како што се проблемите со водата за пиење, немањето пристаниште што оневозможува поголем број на туристички посети на Струга, дивеењето во градежништвото и урбанизмот и др.
Отворените дискусии со јавноста „Кажи си ја маката“ се замислени не само како место каде што ќе се ислушаат проблемите и предизвиците на граѓаните, туку и со помош на партнерските мрежи на „Замисли“ и „Солуција“ да се адресираат соодветно до надлежните институции и да се бараат решенија.
„Со нашите партнери, со мобилизацијата на еснафски и професионални организации, како и со медиумскиот притисок, и покрај сите предизвици и промената на тројца министри за време на нашата акција, успеавме да издејствуваме промена во Законот за здравствена заштита, со што се укинува дискреционото право на директорите на здравствените установи да одлучуваат кого ќе вработуваат. “, рече Катарина Синадиновска, новинарка и еден од основачите на „Солуција“ и „Замисли“. Таа додаде дека само со канализирање на граѓанската енергија и вмрежување на граѓанските иницијативи и организации може заеднички да се успее во решавање на проблемите и предизвиците во општеството.
Досега се одржани вакви трибини во Струмица, Штип, Велес, Тетово и Прилеп.
StrugaOnline

