Лев банер Десен банер

Една победа и два порази за младинските категории на ЖКК „Струга 2009“

Младинските категории на Женскиот кошаркарски клуб „Струга 2009“ имаа натпреварувачки викенд исполнет со добри моменти, борбеност и неизвесни дуели. Помалите пионерки остварија убедлива победа над екипата на „Декса“ од Прилеп, додека пионерките и јуниорките претрпеа домашни порази од „Пелистер“, односно „Вардар“.

Помалите пионерки на „Струга 2009“ одиграа одличен натпревар и славеа убедливо против „Декса“ со 50:22. Иако гостинките го добија првиот период со 9:12, стружанките во продолжението ја презедоа контролата и со одлична игра направија пресврт. Најефикасна во победничкиот состав беше Ајдиноска со 29 поени, Кукунешоска постигна 8, Наумоска 7, Маркоска 4, а Скендери 2 поени.

Пионерките, пак, на домашен терен загубија од „Пелистер“ со 51:60. Најефикасна во редовите на стружанките беше Кајмакоска со 30 поени, додека Ајдиноска постигна 7. Дукоска и Мијеска реализираа по 4, а Пејчиноска и Нелоска по 3 поени.

Најголема неизвесност донесе дуелот на јуниорките против „Вардар“, во кој гостинките славеа со 45:50. Стружанките имаа одлично прво полувреме и на паузата заминаа со предност од 24:12, но во продолжението гостинскиот состав успеа да направи пресврт и да стигне до победата. Зиба беше најдобра кај домашниот состав со 21 поен, Незири постигна 8, Танаскоска 6, Даути 5, Дукоска и Кавај по 2, а Таранeши 1 поен.

По натпреварот, тренерот на ЖКК „Струга 2009“, Владимир Ѓоровиќ, го анализираше дуелот со „Вардар“, нагласувајќи дека неговите кошаркарки ја пропуштиле шансата за победа во самиот финиш.

„Буквално го загубивме натпреварот во последната минута и половина. По одличното прво полувреме, во кое особено квалитетно одигравме во одбраната и го оставивме противникот на само 12 поени, во вториот дел како да се опуштивме и се исплашивме од победата. Во еден период останавме и без две кошаркарки од првата петорка поради удар во носот и повреда на ногата, но не сакам во тоа да барам алиби“, истакна Ѓоровиќ.

Тренерот упати честитки до екипата на „Вардар“ за победата, посочувајќи дека станува збор за квалитетен противник во чии редови настапуваат и две сениорски репрезентативки – Пислеска и Трајкоска.

„Им честитам на кошаркарките на Вардар за победата, но исто така им честитам и на моите девојки за прикажаната игра. Се надевам дека првото полувреме од овој натпревар ќе ни биде модел за игра и во продолжението од сезоната“, додаде Ѓоровиќ.

И покрај двата порази, настапите на младинските категории на „Струга 2009“ покажуваат дека тимот има потенцијал за напредок, а освоената победа на помалите пионерки е дополнителен мотив за продолжување со посветена работа и нови предизвици во сезоната.

StrugaOnline

error: