Во Вишни ќе се одбележи споменот на Светите Спасе Вевчански и Спаса Вишенска – објавен распоредот на богослужбите
Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија преку Соборен храм „Св. Ѓорѓи“ – Струга го објави распоредот на богослужбите по повод шестата недела по Пасха – Недела на слепиот, кога се извршува споменот на светите исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.
Централните богослужби ќе се одржат во храмот Св. Атанасиј Велики во селото Вишни.
Во недела, на 17 мај 2026 година, програмата ќе започне во 07:30 часот со Воскресна утрена богослужба, а во 08:45 часот ќе се служи Света Златоустова литургија.
Празнувањата продолжуваат во среда, на 20 мај, кога во 16:30 часот ќе се одржи празнична вечерна богослужба на која ќе претстои митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј. По вечерната, во 17:30 часот ќе се служи молебен канон кон света Спаса Вишенска, како и премивање на нејзините мошти.
На 21 мај, четврток, кога православните верници го одбележуваат големиот христијански празник Вознесение Христово – Спасовден, богослужбата ќе започне во 07:30 часот со празнична утрена, додека Светата Златоустова литургија ќе се служи од 08:30 часот.
Во 10:00 часот е предвидена и свечена литија до пештерната црква, при што ќе бидат пренесени моштите на света Спаса Вишенска.
Од Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“ – Струга упатуваат покана до верниците да земат молитвено учество во богослужбите и достоинствено да ги одбележат деновите посветени на светите Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.
StrugaOnline

