Мултимедијален проект на Драган Спасески Охридски вечерва на „Охридско лето“

- Локални
1108

„Патот до Магијата“ на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со претставување на  мултимедијалниот проект „ Човек е трепет, и ангелот трепет е, а ти Боже мој….“ од уметник Драган Спасески Охридски.

Спасески, (роден во 1960 година и е доктор-специјалист, ортопедски хирург,)  соединил три големи теми во сликарството од која секоја има духовен карактер, своја историја и карактеристики, а понекогаш и проткајувања. Создавајќи прв во Македонија и меѓу малубројните во светот на сликарството што имаат одлики на религиско, еротско и фантастично, отворил нови изразувачки можности, длабоко свесен дека поголемиот број уметници во модерната и постмодерната имаат сосема недуховен, лишен од каков било повисок или спиритуален интерес.

Во прашање е сликарство кое се движи од реализам, кога е во прашање портретот, до асоцијативна симболика, кога станува збор за фигуративната симболика.

Спасески досега ги реализирал следните мултимедијални проекти: Апокалиптичен Нарцис (1989 година), Сè трепери (1996 година), Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли (1999 година), Вибрација креација совршена релација (2001 година), Охридски ангели (2003 година), Погледни во себе (2004 година), Трите точки (2008 година), Охридски бисери на мудроста (2010 година) и Битолска трилогија (2011 година).

Речиси сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги поезија со истоимениот наслов како и мултимедијалниот проект и архитектонски-ентериерни креации.

Новиот мултимедијален проект е насловен во форма на хиаку песна:
човек е трепет
и ангелот трепет е
а ти Боже мој…

Овој проект  за љубителите на уметноста ќе биде претставен  вечерва во катедралната Црква  „Света Софија“ со почеток во 22:00 часот.

Facebook Коментари